ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:106:"ГоцеДелчевприредисвеченручекзабизнисмениодТурција

    1. Големиот авион со високиот гостин слетува на скопскиот аеродром. Коман­дантот на почесната единица на армијата им наредува на војниците да ги тријат рацете, за да ги загреат, за да можат поуспешно да ракуваат со оружјето. Тие млади, спастрени, со шлемови на главите и со маскирни униформи. Повеќе личат како специјалци за антитерористичко дејствување, подготвени да го обико­лат авионот, отколку на парадери.
      Црвениот тепих веќе е послан. Тука се новите жолти скали на хидраулика, гордоста на аеродромот. Едни и единствени. Можеби затоа на самото место е и директорот на аеродромот. Лично да командува со возачот на скалите. Пилотот на авионот се паркира токму на местото. И скалите се поставени. Музиката свири. Децата со букет цвеќе се преслушуваат што ќе му речат на гостинот. Претседа­телот на државата стои пред скалите…
      Арно ама, се отвора задната врата на авионот. А на аеродромот нема уште едни жолти скали. А и црвената патека си е токму на место. И – паѓа наредба. Тргај ги скалите, вози ги на задната врата! Во меѓувреме, на еден аеродромски службеник му паѓа на памет спасоносна идеја. Му дава знак со рака на пилотот да го мрдне авионот понапред. Добро што не му текна да ги искористи војниците, малку да го поттурнат. Нејсе, жолтите скали  се на задната врата. А тепихот и патеката? Набрзина го мрднуваат претседателот и десетина мажи ја зграпчуваат патеката, ја носат кон задната врата. Ама не во ролна, туку така- цела. И по пат заглавуваат во распаничените луѓе од протоколот, збунетите новинари и возбудените телохранители. Се сопнуваат од тепихот, потклекнуваат, се зане­суваат, ама никој не паѓа на коленици. Конечно, тепихот е послан и од задната врата истрчуваат – новинарите што се во придружба на високиот гостин.
      Повторно паника. Гостинот сепак ќе излезе на предната врата. А под неа – ни тепих, ни скали. Само претседателот на Републиката. Децата со цвеќето веќе заборавија што треба да кажат кога ќе го предаваат букетот. Нова наредба. Враќај ги скалите напред! Тргај го тепихот! Овој пат тепихоносачите имаат потешка работа. Треба да се пробијат и низ новодојдените новинари, фоторепортери и камермани. Општа збрка и паника! Ниту музика се слуша, ниту некој виде како мавта со сабјата командантот на военото воздухопловство, ниту тепихот остана црвен. Го извалкаа новинарите. А и жолтите скали нешто затаија. Во третиот обид не им успеваше да ја потрефат вратата на авионот. Конечно …
      Претседателот на Република Турција, неговата екселенција, господинот Тургут Озал допатува во дводневна официјална посета на Република Македонија. На скопскиот аеродром тој беше пречекан со највисоки државнички и воени почести.

      2. Некрофилските тежненија во македонската новокомпонирана музика најдобро се отсликуваат во една песна која оди отприлика вака: “Стани Делчев војвода, прошетај низ Македонија”. Страв и ужас. Освен ако не е приспособена за денешниот празник Задушница.
      Во согласност со современите тенденции е и пригодната реченица на премиерот Бранко Црвенковски, изговорена на говорницата во Собранието дека “и Гоце Делчев имал опозиција”.
      Еве ти! А јас пак цело време живеев во заблуда дека само Црномаров од Битола е реинкарнација на Делчев. Кога Бранко ме стави во мисла. Па и Гоце Делчев знаел да се преправа. Само што на Бранко некако не му оди да се претста­вува како “трговец од Солун”. Само уште тоа ни фали во битката за меѓународно признавање. Замислете, како во “Табакерата”, да извади табакера, ама со изгра­вирано шеснаесеткрако сонце. Дури тогаш – ја плукнавме работата.
      Да се случи некое чудо како во некрофилската песна и да прошета Делчев до Охрид – ќе има што да види. Веднаш ќе си помисли дека неговото постоење немало никаква смисла. Кога ќе се види себеси, преправен во премиер, како  дава свечен ручек на турски бизнисмени.

      3. Не дај боже при прошетката низ Македонија да му текне да влезе во Собранието на Македонија. Дури тогаш ќе добие криза на идентитетот. Кога ќе ги види неговите наследници како во дело ја спроведуваат идејата за “светот како поле за културен натпревар меѓу народите”.
      Цврсто бев решен овој пат да не се занимавам со народните забавувачи. Не сакав да ми го спуштат нивото на текстот. Ама, кога видов дека ниту еден, ама буквално ниту еден од “почитуваните” пратеници не се спротивстави на гнасотиите изречени од еден пратеник од Прилеп и не застана во одбрана на интегритетот на личноста на еден човек, па макар тој бил министер, макар не се согласувале со неговите потези, не можев да се воздржам. Едноставно, иако министерот за кого станува збор досега честопати се појавувал во “Сакам да кажам”, сакам јавно да соопштам дека меѓу оние на кои им се важни интригите, сопствените фрустрации, комплексите, незадоволените суети, повеќе отколку она за што се платени, нема ниту еден за кого би го дал гласот.
      Ако Парламентот навистина ја отсликува состојбата на гласачкото тело, тогаш тешко ѝ на оваа држава. Јас сепак мислам дека овие граѓани можат да изберат, ако не попаметни, тогаш барем покултурни и полуѓе пратеници.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира