1. Најдобар политички потег за следните избори би бил кога СДСМ би го кандидирал Љубомир Фрчковски за пратеник во изборната единица во скопската населба “Ѓорче Петов”. На плакатите со неговата фотографија би бил испишан и изборниот слоган: “Прост народ – силна (правна) држава!” Тој веќе си има изградено слика како треба да функционира демократијата. Само треба уште да му се погоди народот.
Како теоретичар по демократија на привремена работа во полиција, сигурно на ум ја имал онаа анегдота во која еден ученик на филозофот му забележал дека неговите тези немаат никаква врска со стварноста, а овој пак му вратил: “Дотолку полошо за стварноста”!
Демонстрацијата на сликата на правната држава пред ѓорчепетровци одеше: ред водни топови, ред палки, ред солзавец, ред ослободување на главната улица. Со своите просечни педесетина марки плата, којзнае колку невработени, со којзнае какво образовно ниво и под влијание на секојдневните стресови од признавањето, преку парламентот и стравот од војна, правната несигурност, па до тоа колку танкери со нафта пристигнале во Солун, граѓаните од периферијата на главниот град на државата не се вклопија во замислената слика на Владата. Кој е виновен за ксенофобијата? Народот или државата? И дали народот се бунеше против бегалците или против државата?
2. Пред неколку години Собранието на Скопје на естрадната уметничка Есма Реџепова ѝ додели локација во населбата Водно за изградба на Музеј на народна музика со музичко училиште. Многу угледни водњанци тогаш излегоа да го спречат булдожерот што требаше да ја расчисти локацијата. Во петицијата што беше потпишана од несудените соседи на Реџепова се потенцираа такви значајни забелешки како што беа на пример оние дека музејското училиште ќе го нарушело мирот во населбата, па објектот ќе бил три пати поголем, дека ќе се исечеле 40 дрва…
Колку што ме држи сеќавањето, никој тогаш не споменуваше расизам, фашизам, правна држава, солидарност, никој не донесе полиција, освен онаа што служеше за обезбедување на револтираните соседи на кои ќе им се наруши мирот со народна музика, а солзавецот и палките се чуваа за попогодни граѓани за градење правна држава.
3. Деновите што го потресоа “\орче Петров” сериозно ја потресоа и Македонската телевизија. Непослушните граѓани ја нападнале екипата на МТВ, го каменувале снимателот и, како што ни беше драматично соопштено на вестите, ја оштетиле скапата опрема. Тука доаѓа врвот на новинарскиот професионализам со историското предупредување до граѓаните, да престанат да ги напаѓаат екипите на МТВ затоа што тие ја повлекле екипата и нема да известуваат од настанот.
Сигурно и водителите во СИ-ЕН-ЕН упатувале такви предупредувања кога нивните екипи беа заробени во хотелот во Багдад. А и оние безброј ТВ екипи што ја крстосуваат Босна сигурно испраќаат предупредување до завојуваните страни да престанат да пукаат за да можат тие на мир да си ја завршат работата. Како можеше истата таа МТВ да не ја жали скапата опрема кога правеше репортажи од Романија кога паѓаше Чаушеску, а сега одеднаш бара мир на улиците во \орче Петров за да може да работи.
Како очекуваат од мене редовно да им ја плаќам претплатата кога јасно ми ставаат до знаење: “Или ќе се однесуваш како што ние сакаме за да известуваме, или ние воопшто нема да известуваме за твоето однесување!”
4. Она што беше многу интересно во врска со штрајкот во РЕК Битола е како систематски на граѓаните на Македонија им се сервираше барањето на рековци за поголеми плати, и како тие во однос на другите вработени се гнили капиталисти. Се подгрева атмосферата во која сите се свртуваат кон штрајкувачите од Битола, демек, види ги колку се незаситни и безобразни, наспроти основната логика: А зошто ние да немаме колку нив?
Воопшто, најлесно е да се владее со народот ако граѓаните меѓу себе се скараат. Така, оние кои не можеле да ја поминат главната сообраќајница кон Тетово, кога ѓорчепетровци ја блокираа, им беа лути на демонстрантите. Кога се градеше депонијата Дрисла, бившиот градоначалник во неколку наврати се повикуваше на жителите од Аеродром, веројатно очекувајќи тие да се степаат со оние од Драчево и Батинци. Кога штрајкуваа здравствените работници, владата бавно реагираше, како да чекаше пациентите да почнат да се тепаат со своите лекари. Студенчица веќе стана легендарен мегдан за прилепчани и кичевчани.
5. Во најдобар комунистички стил и министерот за социјала Илијаз Сабриу пронајде лек за пензиските фондови. Ќе им земел на оние со големи, за да им даде на оние со помали пензии. Уште да го патентира својот изум и во областа на платите. Не е јасно само како мислат да го спроведат новиот закон за пензиско осигурување, според кој оној кој сака да има поголема пензија, може тоа да го оствари ако повеќе одвојува за фондот. Во оваа правна држава, кој ќе им гарантира на тие луѓе дека по триесетина години нема да се појави некој нов Илијаз Сабриу, на кого економската логика на Сталин му е најблиску до сфаќањата, па ќе им го одземе она што тие цел живот го одвојувале, во име на еднаквите стомаци и социјална рамнотежа?
6. Идеално решение за проблемите на пензиите е некој да ги наговори пензионерите да штрајкуваат. Можат да блокираат некоја улица. Тогаш на сцена стапува правната држава со своите водни топови и солзавец. Гарантирано половината демонстранти ќе изумрат. И – решен проблем.