Потпретседателката на Собранието Фросина Ташевски-Ременски утринава прва излезе од тројцата осомничени во „Рекет“ за кои денеска треба судот да одлучи дали ќе им ги одзеде пасошите.
„Јас и кога давав исказ како лице кое треба да даде определени инфирмации во Обвинителството за организиран криминал и корупција, кажав дека не чувствувам вина за случувањата во Меѓународниот сојуз каде што бев почесен претседател“, изјави таа откако излезе откај судијата на претходна постапка, пред кој Русковска и адвокатот на Ременски ги соочуваат аргументите за и против бегство и нејзино влијание врз сведоците.
Судијата на претходна постапка подоцна ќе одлучи дали ќе ги прифати мерките против неа.
На прашање како ја толкува изјавата на премиерот Зоран Заев за нејзино исклучување од партијата, осомничената Ременски кажа дела ќе ја почитува неговата и партиската одлука и оти не го сфаќа Заев злонамерно.
По Ременски во судот попладнево влезе и Миле Јовановски, таткото на Бојан Јовановски-Боки 13, кој рече дека не чувствува вина.
„Не се чувствувам виновен и не сум учествувал на состаноци за изградба на домови како дел од Меѓународниот сојуз“, рече Миле Јовановски на излегување од Кривичниот суд.
Вчера Русковска издаде наредба за отворање истрага против Бојан Јовановски-Боки 13 кој е веќе во притвор за рекет врз Орце Камчев, против татко му Миле Јовановски, Јасна Мандиќ и нејзината асистентка, како и против потпретседателката на Собранието и пратеничка од СДСМ Фросина Ташевска-Ременски за измама, перење пари и помагање во овие кривични дела. За нив побара мерки на претпазливост: одземање на патна исправа, забрана за напуштање на престојувалиште (Скопје) и еднаш неделно задолжително јавување во судот. Русковска кажа дека е издаден е налог за претрес во домовите на тројца осомничени, а дека за оваа истрага немало посебни истражни мерки.
С. К. ДЕЛЕВСКА