Засилени контроли на нерегистрирани трговци кои продаваат стока од увоз на социјалните мрежи, скенери во поштите за поефикасна проверка на пратките и поврзување на електронските продавници со Управата за јавни приходи, најави министерката за финанси Нина Ангеловска. Таа ова го најави по состанокот „Сузбивање на даночната евазија во е-трговијата“, организиран од Министерството за финансии и Асоцијацијата за е-трговија, а на кој учествуваа и Царинската Управа, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција, Агенцијата за пошти, и други институции.
Ангеловска рече дека на состанокот разговараат за она што може да се преземе за да се намали сивата економија и во е-трговијата. Таа смета дека треба да се смени перцепцијата оти сивата економија е само во реалниот сектор, туку дека таа ја има и во електронската трговија.
„Нерегистрираните дејности во електронската трговија земаат замав, а од друга страна има потенцијал кој може да се искористи за економски раст. Овде најчесто се нерегистрирани поединци, кои носат роба од други земји и ја продаваат на социјалните медиуми. Разговараме за тоа како ќе ги регистрираме и ќе ги внесеме во системот, оти му пречи на реалниот сектор“, рече Ангеловска и најави дека наскоро ќе излезат со конкретен акциски план како да постапат.
„Да споменам дека поштите добија скенер за подобра контрола на пратките и да не биде оставено на рачната проверка од одредено лице. Разговаравме и за поврзување на електронските продавници со УЈП, да може да има полесна контрола и полесно да функционира е-трговијата на пазарот“, рече Ангеловска.
Таа кажа дека според последните податоци со кои располагаат, има близу две илјади регистрирани електронски трговци и дека немаат податок колку се нерегистрираните, но дека сивата економија вкупно, во која се вклучени и овие, е над триесет отсто.
„Тука со нас е и Државниот пазарен инспекторат, бидејќи се случува кога граѓаните купувааат од нерегистрираните лица да не добијат фискална сметка, а не се задоволни од производот, и да им објасниме дека треба да внимаваат на тие работи“, рече Ангеловска.
На прашањето дали во тоа ќе го вклучат и ИТ секторот, бидејќи од стопанските комори се пожалиле дека голем дел од електронските компании ја напуштаат земјата и ги селат бизнисите во други земји, министерката кажа дека прво сака да ги чуе нив и според реални податоци да направат анализи, а потоа ќе излезат со став.
Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми рече дека имаат оперативни сознанија оти преку транспортни друштва дел од увезената стока се продава на црно, но кажа дека не сака да открива детали за да не попречи на натамошната постапка.
Е. БОЧВАРОСКА