СЛЕПИТЕ БАРААТ ДА СЕ ПОМЕСТАТ СООБРАЌАЈНИТЕ ЗНАЦИ ОД СРЕДЕ ТРОТОАРИТЕ ЗА ДА МОЖАТ НОРМАЛНО ДА СЕ ДВИЖАТ

    СЛЕПИТЕ БАРААТ ДА СЕ ПОМЕСТАТ СООБРАЌАЈНИТЕ ЗНАЦИ ОД СРЕДЕ ТРОТОАРИТЕ ЗА ДА МОЖАТ НОРМАЛНО ДА СЕ ДВИЖАТВо Општина Куманово има околу 150 слепи лица или 180 во Североисточниот Регион, а на ниво на државата бројката надминува 2.500 лица. (Фото: СДК.МК)

    Дислокација на вертикалната сообраќајна сигнализација од средината на тротоарите кон едната страна, за да можат слепите лица да непречено да се движат, беше едно од барањата кои здруженијата на слепи лица на Куманово и Штип го побараа од локалната власт во Куманово на трибината „Заедно посилни за подобар живот“, која што ја организираа на Денот на белиот стап – 15 Октомври.

    „Сакаме да воспоставиме комуникација со локалните власти, да лобираме за подобрување на секојдневието на слепите лица во Куманово. Главна цел ни е дислокација на вертикалната сообраќајна сигнализација од средината на тротоарите кон едниот раб. Тоа веќе го побаравме во Штип, Радовиш, Пробиштип, Гостивар, Виница, денеска сме во Куманово. Ефектите од ова наше лобирање веќе се видливи во Штип и во Пробиштип, некаде околу шеесетина сообраќајни знаци се дислоцирани од средината на тротоарот кон коловозот и сега тротоарите се слободни за движење на слепи лица и лицата во колички“, изјави Драги Витанов, претседател на Здружението на слепи лица во Штип.

    Во Општина Куманово има околу 150 лица или 180 во Североисточниот Регион, а на ниво на државата бројката надминува 2.500 лица. Речиси во сите градови се соочуваат со исти проблеми – лоша инфраструктура.

    „Пешачките патеки немаат тактилни обележувања, немаме звучни семафори, немаме спуштени рабници на пешачките премини. Бараме да се обележат пристапните места до Општината, Центарот за социјални работи, подобрување на социјалната и здравствена заштита на слепите лица, бараме изедначување на правата на слепите лица со здравите“, рече Беркан Асновски, член на Здружението на слепи лица од Куманово.

    Од Општина Куманово ветија дека ќе се заложат за подобрување на условите за живот на слепите лица, а веќе работат на проект за спуштени тротоари во градот.

    „Советот на Општина Куманово дава максимална поддршка и иницира одредени решенија за инфраструктурните проблеми, кои ќе овозможат подобра адаптација и движење на лицата со попреченост и слепите лица. На последната седница на Советот јас бев една од иницијаторите за адаптација и решавање на архитектонските бариери, за спуштање на рабниците на сите тротоари во градот, заради непречено движење на лицата во количка и други помагала, но и слепите и повозрасните лица, како и мајките со количка“, вели Атина Мургашанска, претседателка на Советот.

    Како позитивен пример во Куманово, слепите лица ја посочија одлуката на Општината да го забрани паркирањето на возила со заштитни столпчиња на булеварот Октомвриска револуција, како и прилагодување на општинскиот сајт за слепите лица.

    Државата на слепите лица им помага со посебен додаток за слепило од 7.300 денари и 4.300 денари помош и нега од друго лице. Велет дека вкупната помош од околу 12.000 денари е далеку од доволна за нормален живот, но се надеваат дека состојбите ќе се поправат на подобро.

    До минатата година слепите лица во Куманово добивале субвенции за вода и ѓубрарина, но оваа година им е укината, па бараа повторно да им се врати.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира