Лотаријата за добивање зелена карта за 2021 година, која овозможува легален постојан престој во САД, ќе биде отворена до 5 ноември, објави американската амбасада во Скопје.
Таа почна на 2 октомври и сите заинтересирани можат електронски да се пријават преку E-DV формуларот, кој се наоѓа на официјалната интернет страница www.dvlottery.state.gov. Учеството во лотаријата е бесплатно и од амбасадата ги предупредуваат кандидатите да оставаат само точни податоци, инаку ќе бидат дисквалификувани.
„Најдобро е кандидатите лично да ги поднесат своите пријави. Секој кандидат е одговорен за точноста на поднесените податоци и дали тие се комплетни. Внесување неточни или нецелосни податоци може да доведе до дисквалификување на кандидатот, дури и доколку е извлечен како добитник. Без разлика дали пријавата е поднесена лично или со помош на адвокат, пријател или роднина, секој кандидат може да поднесе само една пријава“, велат од амбасадата.
Секој кандидат треба да ја отпечати и чува потврдната страница од апликацијата со единствениот број барем до 30 септември 2021, за да може да провери дали е извлечен. Овој број е единствениот начин преку кој може да се провери дали кандидатот е избран.
Кандидатите од 5 мај 2020 ќе можат да проверат дали се избрани во Програмата.