175.553 МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ ПРИЈАВИЛЕ ДЕКА СЕ ИСЕЛИЛЕ, НО ОВАА БРОЈКА Е НЕЦЕЛОСНА, КАЖА МАНЧЕВСКИ

    175.553 МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ ПРИЈАВИЛЕ ДЕКА СЕ ИСЕЛИЛЕ, НО ОВАА БРОЈКА Е НЕЦЕЛОСНА, КАЖА МАНЧЕВСКИСпоред податоците кои ги добиле од дел од институците заради изготвување на Централниот регистар на население, Македонија има над 2,6 милиони државјани, од кои над 2,4 милиони се пријавени дека живеат во земјава. Во оваа бројка, како што рече Манчевски, влегуваат и околу 30 илјади странци кои имаат регулиран престој во државата; - Министерот Дамјан Манчевски на презентацијата на Регистерот. (Фото: Министерството за информатичко општество и администрација)

    175.533 граѓани пријавиле дека се иселиле од земјава, според податоците кои го добило Министерството за информатичко општество и администрација при изработка на Централниот регистар на население, кажа денес министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. При презентацијата на Централниот регистар на население кој денес беше пуштен во употреба, тој кажа дека според податоците кои ги добиле од дел од институците за потребите на изготвување на Регистарот, кои ги содржат основните податоци за граѓаните, Македонија има над 2,6 милиони државјани, од кои над 2,4 милиони се пријавени дека живеат во земјава. Во оваа бројка, како што рече Манчевски, влегуваат и околу 30 илјади странци кои имаат регулиран престој во државата.

    Според него, овие податоци се нецелосни и нерелевантни, бидејќи многу граѓани при напуштање на државата не пријавуваат дека се иселиле, а тука влегуваат и оние граѓани кои одат како сезонски работници во странство. Тој рече има законски пропишана казна од 500 евра доколку граѓаните не пријават дека се иселиле од земјата, но дека очекува овие бројки да се расчистат по спроведување на пописот.

    Тој рече дека  институциите ќе може да ги користат овие податоци за нивните управни постапки, а граѓаните дека веќе нема да се соочуваат со проблемот да има различни податоци за нив во различни институции.

    Министерот вели дека по две години работа е воведен овој систем со проектот е финансирана од Европската унија преку ИПА фондовите. Најави дека за еден месец ќе го пуштат во употреба и националниот портал е-услуги, каде граѓаните на едно место ќе можат да побараат одредена услуга од институциите.

    „Водевме сметка и за заштита на личните податоци на граѓаните. Секој граѓанин ќе добие единствен електронски број, преку кој институциите меѓусебе ќе ги разменуваат податоците, а и преку кој граѓаните ќе може наскоро да побараат одредена електронска услуга.  Оваа алатка ќе биде видлива и за граѓаните и за институциите, а секој граѓанин ќе има право да знае која институција и зошто ги користела неговите лични податоци и доколку има грешки да може да се обрати до институцијата да ги поправи“, рече Манчевски, и додаде дека ова е почеток на дигитализација на јавната администрација.

    Фрек Јанмат од делегацијата на Европската Унија, рече дека ЕУ учествувала во изготвување на овој регистар со поддршка од 5 милиони, кои биле употребени и за реализација на претходните проекти. Тој кажа дека преку порталот граѓаните ќе може полесно издадат лични документи кои им се потребни, а ќе може да се користи и како помошна алатка за пописот.

    „Оваа алатка ќе може да ја користи Агенцијата за статистика, а потребен е закон за спроведување на пописот и во исчекување сме како тоа ќе се одвива во Собранието“, рече Јанмат.

    Манчевски објасни дека податоците од оваа база при спроведување на пописот ќе се користи како помошна алатка, бидејќи таа ги содржи само основните податоци за граѓанинот, а ги нема сите податоци кои се бараат со пописот.

    Пробен попис летово беше спроведен во повеќе општини, без да биде донесен законот за попис, а според планот тој треба да се спроведе во април следната година.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира