ОД УТРЕ ПОЧНУВААТ СО РАБОТА МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ И СЕСТРИ ВО ИТНАТА ПОМОШ И ВАКЦИНАЛНИТЕ ПУНКТОВИ

    ОД УТРЕ ПОЧНУВААТ СО РАБОТА МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ И СЕСТРИ ВО ИТНАТА ПОМОШ И ВАКЦИНАЛНИТЕ ПУНКТОВИЛекарите и сестрите ќе работат во службите за итна помош, вакциналните пунктови и патронажните служби низ целата држава, иако најмногу се пријавиле за работа во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Лекарите и медицинските сестри со кои треба да се зајакнат службите за итна медицинска помош, вакциналните пунктови и патронажните служби, од утре ќе бидат повикани на работа. Од Министерството за здравство велат дека за да може да ангажираат околу 300 лекари и медицински сестри, кои се јавија на огласите што беа распишани летово, треба да добијат согласност од Министерството за финансии.

    „До завршување на работниот ден во петокот согласностите не беа доставени кај нас. Од Министерството за финансии пред завршување на работниот ден ни јавија дека се потпишани согласностите и дека во понеделник ќе ги добиеме. Штом ги добиеме, потпишуваме договори со нив и почнуваат со работа“, велат од Министерството за здравство.

    Младите лекари повеќе од еден месец алармираат дека сѐ уште не почнале со работа, и дека некои од нив одбиваат други понуди.

    Лекарите кои по дипломирањето добиле лиценца за работа треба да поминат задолжителен шестмесечен стаж во службите за итна медицинска помош, вакциналните пунктови и патронажните служби, за да можат потоа да се запишат на специјализација, согласно последните законски измени. Оваа измена беше воведена за да им се овозможи соодветна пракса на младите лекари пред да запишат специјализација, а за да ги задржат во земјата и во јавното здравство, министерот Венко Филипче најави дека за време на стажирањето ќе добиваат и просечна плата на општ лекар.

    „На огласот се пријавија 53 лекари, а останатите беа медицински сестри. И лекарите и сестрите ќе бидат распоредени во итна помош, вакцинални пунктови и патронажни служби. Поголем дел од медицинските сестри ќе бидат ангажирани во патронажните служби и во координација со матичните лекари ќе даваат медицинска нега во домашни услови, како за младите мајки по породувањето, така и за луѓето што живеат во рурални средини, луѓето во социјален ризик и секаде каде има потреба“, велат од Министерството за здравство.

    Од Министерството велат дека планираат и други вакви огласи за лекари, бидејќи годишно од трите факултети завршуваат од 250 до 300 медицинари, а на овој оглас се пријавиле само педесетина, бидејќи претходно, за да ја добијат лиценцата за работа, треба да минат шестмесечна обука според распоредот од Лекарската комора.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира