Поранешниот шеф на набавки во МВР Ѓоко Поповски по повтореното судење во Основниот суд Скопје 1 од судијката Добрила Кацарска е осуден на 9 години затвор.
На девет години го осуди и првиот пат, пред Апелациониот суд Скопје да ја врати пресудата поради техничка грешка.
Поповски е осуден дека извршил набавка на 300 возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година, контра одредбите на Законот за јавни набавки. Според пресудата која сега е укината, тој го оштетил буџетот на МВР за 453.570 евра.
Овие пари Поповски треба до денар да му ги врати на МВР.
Кацарска, при изрекувањето на пресудата потсети на доказите, односно посочи како дошло до тоа со потписот на Поповски да бидат прескокнати прворангираните, најевтините автодилери. Место најповолните понудувачи, Поповски ги одбрал поскапите, трето, четврто и петто рангираните економски оператори. Најголем ќар од парите на граѓаните добила „Порше Македонија“ (107.713. 800 денари), а потоа и „Кадис“, „Бохемија“, „Автокуќа“ и други компании, сите трето, четврто и петторангирани на огласот.
С. К. ДЕЛЕВСКА