Суд во Бангладеш осуди на смрт 16 луѓе за убиството на студентка која беше запалена жива откако го пријави својот професор за сексуално вознемирување.
Деветнаесетгодишната Нусрат Џахан Рафи почина во април во Фени, 160 километри од главниот град Дака и овој случај ја шокираше земјата и доведе до серија протести. Судскиот процес заврши невообичаено брзо за бангладешки услови и обвинителот Хафез Ахмед изјави дека „ова покажува дека никој не може да се извлече за убиство во Бангладеш“.
Меѓу осудените се и професорот што го обвини Рафи, двајца нејзини соученици, но и локални лидери на владејачката партија Авами лига. Истрагата покажала дека имало заговор помеѓу ученици и моќни луѓе од заедницата да се замолчи Рафи.
Рафи била намамена на покривот на училиштето на 6 април, 11 дена откако го пријавила својот професор во полиција, обвинувајќи го дека често несоодветно ја допирал. Таа била окружена од четири-пет луѓе кои барале од неа да го повлече обвинението, а откако одбила, ја запалиле. Според полицијата, тие сакале да наместат да изгледа како самоубиство, но таа успеала да избега и да побара помош. Почина четири дена подоцна, на 10 април, но претходно снимила порака во која што именувала неколкумина од напаѓачите.
По серија протести низ земјата, полицијата во мај покрена обвиненија против 16 лица.