10 ЧАСА РЕК НЕ ПРОИЗВЕДУВАШЕ СТРУЈА, ОД ЕЛЕМ ВЕЛАТ НЕМА НЕДОСТИГ

    10 ЧАСА РЕК НЕ ПРОИЗВЕДУВАШЕ СТРУЈА, ОД ЕЛЕМ ВЕЛАТ НЕМА НЕДОСТИГПричината за испад на блокот 3 е експлодиран струен мерен трафо за далековод кон Скопје во трафостаницата Битола 2 на МЕПСО (Фото: СДК.МК)

    Десет часа надвор од производство на електрична енергија беше третиот блок во РЕК „Битола“. Испадот се случи околу 01,33 часот по полноќ, а блокот беше синхорнизиран и повторно пуштен во функција во 11,49 часот денес. Од ЕЛЕМ со писмено соопштение потврдија дека испаѓањето на блокот било предизвикано од дефект на трафостаницата „Битола 2“ на МЕПСО.

    Од ЕЛЕМ објаснуваат дека причината за испад на блокот 3 е експлодиран струен мерен трафо за далековод кон Скопје, 400 киловолтен, во трафостаницата Битола 2 на МЕПСО.

    „Поради тоа, по собирничка заштита исфрлен е блочниот прекинувач на блокот 3 во 01,33 часот што доведе до ‘испад’ на блокот. Блокот е синхронизиран во 11,49 часот со електро-енергетскиот систем и повторно пуштен во функција. Во меѓувреме, електричната енергија за тарифните потрошувачи е обезбедена од другите производни капацитети и нема прекин или недостаток во санабдувањето со струја“, соопшти ЕЛЕМ.

    Другите два блока 1 и 2 плански се исклучени извесен период зашто има доволно електрична енергија од хидропотенцијалите. Околу десети мај се очекува да започне капитален ремонтот на првиот блок, а потоа ќе следуваат редовни ремонти на останатите два блока.

    Според извори од РЕК, пожар во рудникот немало, но дури и да дошло до такво нешто не би имало последици врз снабдувањето со јаглен, бидејќи на депонија има доволно јаглен за работата непречено сите три блока.

    Од МЕПСО соопштија дека синоќа во 1.34 часот во диспејџерскиот центар била регистрирана безнапонска состојба во 400\ 100 коловолтната трансформаторска станица Битола 2. Се работело за дефект на мерен струен трансформатор, па реагирала релејната заштита и ја исклучила трансформаторската станица од преносната мрежа. Поради тоа од мрежата бил исклучен и блокот 3.

    Од МЕПСО велат дека дежурните екипи веднаш реагирале и за еден час го санирале дефектот. Постројката ја вклучиле во 2.45 часот, а блокот во РЕК, согласно процедурата за пуштање во погон, бил синхронизиран на преносната мрежа во 11.50 часот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира