11-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ЗАГИНА НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН ВО ВЕЛЕС, ВОЗАЧОТ ИЗБЕГАЛ И СЕ ТРАГА ПО НЕГО

    11-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ЗАГИНА НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН ВО ВЕЛЕС, ВОЗАЧОТ ИЗБЕГАЛ И СЕ ТРАГА ПО НЕГОИнцидентот се случи синоќа околу 22:15 часот во близина на ОУ „Васил Главинов“ (Фото: СДК.МК)

    Единаесетгодишно девојче загина во сообраќајна несреќа во Велес додека со родителите минувало на пешачки премин. Инцидентот се случи синоќа околу 22:15 часот во близина на ОУ „Васил Главинов“, а сторителот е во бегство. Според сведоци на настанот, таткото веќе бил стапнат на тротоарот, додека мајката и ќерката биле на крајот од пешачкиот, кога биле удрени од бел „мерцедес“, кој брзо се движел.

    На улицата Борис Трајковски во Велес, патничко возило ‘мерцедес‘ со велешки регистарски ознаки, управувано од А. Н. (29) од Велес, удрило во пешаците Е. И. (43) и нејзината малолетна ќерка од Велес, по што го напуштило местото“, соопшти Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.

    До 11 часот, лицето за кое се сомнева дека го управувало возилото не беше пронајдено и полицијата трага по него.

    Од ударот детето било исфрлено десетина метри подалеку, а сведоците велат дека на автомобилот му паднале регистарските таблички, по што е откриен идентитетот на возачот. Семејството живее во близина на местото каде што се случила сообраќајката.

    Во 22:15 часот добиен е повик за сообраќајна несреќа и на самото место се упатени две возила. Детето било во мошне тешка состојба, а мајката имала повреди на главата“, кажа д-р Василка Пановска, началничка на Итната помош.

    Во Велешка болница биле примени тројца пациенти, таткото, мајката и детето.

    Кога во 22:30 часот се примени пациентите, докторите кај детето можеле само да констатираат смрт. Мајката имала рана на главата, која е санирана и повреда на нога. Утрово е пуштена на домашно лекување. Таткото имал силна вознемиреност и гушење и бил примен на Интерно одделение. И тој утрово е пуштен дома“, кажа д-р Елена Левкова-Ќулумова, портпаролка на Општа болница Велес.

    Од ОЈО Велес потврдуваат дека возачот возел брзо.

    Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил кој се движел со голема брзина удрил во две лица на пешачки премин, мајка и ќерка. Од ударот, мајката паднала на земја и се здобила со тешка телесна повреда, додека девојчето на возраст од 11 години било исфрлено значително нанапред, во близина на следниот пешачки премин кај училиштето ‘Васил Главинов‘ и од здобиените повреди починало. Возачот кој ја предизвикал сообраќајната несреќа воопшто не запрел, туку со голема брзина го напуштил местото на настанот“, информираа од ОЈО Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира