Во вчерашното невреме во Скопје паднаа 119 дрвја, кои оштетија и автомобили и урбана опрема. Дополнително, како што информираат од ЈП „Паркови и зеленило”, над десет дрвја се паднати во Градскиот парк.
„По вчерашното невреме добивме 77 повици. Интервениравме со 100 работници и со механизација од седум камиони и две платформи. Екипите работеа до два часот, при што беа расчистени 34 локации со паднати дрвја и 17 паднати големи гранки”, велат од „Паркови и зеленило”.
Од утрово, екипите на претпријатието работат на повеќе локации, сè до целосното расчистување и нормализирање на градот. Моментално се работи во Чаир, Топанско Поле, Карпош, Аеродром, на Партизанска и кај Град Скопје.
„Пријави за паднати дрвја добиваме и во текот на денешниот ден, така што нашите екипи се организираат и работат по приоритет, сè до расчитувањето на сите локации”, додаваат од претпријатието.
Од Центарот за управување со кризи велат дека вчера имало илјада повици за штети и помош на бројот 112. Во ЦУК се пријавени 120 поплавени објекти, 23 оштетени возила и 47 оштетени или паднати кровови.
Откако вчера цел град беше поплавен, а коли беа заглавени кај подвозниците, градоначалничката Данела Арсовска рече дека екипите навремено реагирале. Кажа дека атмосферската канализација во Скопје не чини и иако е на функција една година, во наредните денови ќе каже како ќе се реши овој проблем.
Од Хидрометеоролошкиот завод и за денеска најавуваат променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град.
А. АНТЕВСКА