18.000 ПОСЕТИТЕЛИ ИМАВМЕ ДЕНЕС ВО ЗООЛОШКА, ЗА ВРАЌАЊЕТО НА КОКО ВО МАЈ ОЧЕКУВАМЕ 20.000, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ГАЛЕТАНОВСКИ

    18.000 ПОСЕТИТЕЛИ ИМАВМЕ ДЕНЕС ВО ЗООЛОШКА, ЗА ВРАЌАЊЕТО НА КОКО ВО МАЈ ОЧЕКУВАМЕ 20.000, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ГАЛЕТАНОВСКИОд Зоолошката градина велат дека денеска срушен е рекордот на посетители, но со доаѓањето на шимпанзото Коко и другите нови животни очекуваат уште поголема посетеност. (Фото: Зоо)

    Околу 18.000 посетители денеска имало во скопската Зоолошка градина на првоаприлскиот маскенбал. Како што велат од Зоолошката, срушен е рекордот на посетители, но со доаѓањето на шимпанзото Коко кој се лекуваше од депресија во Холандија и другите нови животни, очекуваат уште поголема посетеност.

    „Коко се враќа во Скопје кон почетокот на мај. Изградбата на живеалиштето кое е според најсовремените стандарди на Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА) е при крај. Очекуваме денешниот рекорд од 18.000 посетители да го срушиме со големиот хепенинг кој ќе го правиме за враќањето на Коко во Скопје. Со Коко ќе дојдат уште три шимпанза, две женки и еден мажјак, со кои изминативе години се дружи во Холандија“, вели директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.

    Големото езеро е исчистено после 13 години. (Фото: Зоо)

    Во Зоолошката градина деновиве заврши и чистењето на големото езеро, кое 13 години не било исчистено. На брегот на езерото поставен е т.е. брод на радоста, во должина од 10 метри, а широчина од 5 метри. Бродот е опремен со јарболи, лизгалки и играчки, каде децата ќе може бесплатно да се забавуваат.

    „Наскоро во Зоолошката градина ќе биде отворен паркот на диносауруси, а очекуваме да пристигнат и фламинга, зебри и морски лав девојка за Кан. Апелирам до посетителите да не ги хранат животните, тие имаат посебна програма и режим на исхрана. Низ целата градина поставивме табли на кои информираме дека хранењето е строго забрането. Но, и покрај тоа дел од посетителите ги хранат животните“, вели Галетановски.

    Билетот за влез во Зоолошката градина е 50 денари.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира