Дваесетина патници од Битола и Прилеп, меѓу кои и бремена жена, два часа останаа заглавени во автобус, на стариот пат од Скопје за Велес. Патниците кои се јавија во нашата редакција реагираат дека сообраќајот од 18 часот е запрен најверојатно заради сообраќајна несреќа, има полициско присуство и не им се дозволува на возилата да продолжат по патот.
„Со автобусот тргнавме од Скопје во 17 часот. Некаде пред Велес по стариот пат на планината Бабуна моравме да застанeме заради тоа што сообраќајот беше запрен од страна на полицијата. Ни беше кажано дека се работи за сообраќајка со жртва. Не можевме ни такси да викнeме, ни автобусот да помине зашто никого не пропуштаа“, велат патниците.
Им било кажано дека увидот ќе трае подолго време. Но, откако на бремената жена по два часа чекање ѝ се појавиле болки, полицијата нешто по 20 часот го пропуштила автобусот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА