Дваесетидвегодишниот прилепчанец кој денеска почина од ковид-19, имал дијабетес, примал инсулин и не било вакциниран, соопшти Министерството за здравство.
„Според информациите од установите каде е третиран, 22-годишниот пациент бил пренесен во Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’ од Прилепската болница со тешка кетоацитоза, pH вредност 6.8, со многу висока гликемија и висока температура од 39 степени. Пациентот боледувал од дијабет тип два и бил на терапија со инсулин. Од прегледот на историјата на пациентот и контактот со лекарите кои го следеле, има податок дека нередовно употребувал инсулин и не одел на контролни прегледи. На рентген при прием му била утврдена билатерана бронхопневмонија, а за време на болничниот престој има тахикардија“, вели Министерството за здравство.
И покрај сите напори на медицинскиот персонал, за жал, пациентот починал. Тој е меѓу вкупно 27-те починати за 24 часа, од кои кај 24 се регистрирани коморбидитети, а шест се целосно вакцинирани. Регистрирани се и уште 1.861 новозаразени од 5.446 тестови, од кои 242 се реинфекции, од кои една е втора реинфекција.
Ж. ЗДРАВКОВСКА