Вкупно 26 граѓански организации, движења и иницијативи бараат од Владата итно да ги повлече распишаните јавни повици за доделување концесии за проспекциски геолошки истражувања за металични минерални суровини. Станува збор за повици од декември минатата и од јуни оваа година, со кои Владата упатува повик до заинтересираните компании да достават барања за истражувања на подрачјата на Север, Североисточна и Источна Македонија, со цел да се утврди дали има металични суровини и во кои количини.
Барањето за повлекување на концесиите граѓанските организации го објаснуваат со фактот дека во најголем дел од општините од предложените подрачја веќе се вршеле геолошки истражувања за металични суровини, односно имало издадено концесии. Со новите повици од страна на Владата се крши Законот за минерални суровини оти таму веќе се вршеле геолошки истражувања, наведуваат организациите.
„Со тоа се повредува член 7-а, став 2 од Законот за минерални суровини, кој забранува проспекциски истражувања на веќе истражени простори, простори за кои се води постапка по иницијатива за доделување концесии за детални геолошки истражувања, веќе доделени простори под концесии за вршење на детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини“, стои во барањето.
Во анализата што ја приложуваат организациите се наведува дека од 2004 досега, со различни видови концесии биле опфатени речиси целосни територии на повеќе општини. Така, околу 100 проценти од териториите на Пробиштип, Делчево и Карбинци биле предмет на концесии, 97 проценти од Пехчево, 94 проценти од Чешиново-Облешево, 89 проценти од Кратово, 87 проценти од Зрновци и Виница и 86 проценти од Радовиш.
„Министерството било должно пред доставувањето на предлогот до Владата точно да ги утврди границите и да ги исклучи сите законски забранети површини. Нивното вклучување во поширок концесиски полигон не е дозволено, ниту, пак, може да се исправи во подоцнежна фаза од постапката“, наведуваат организациите.
Првата јавна аукција за доделување концесии за проспекциски геолошки истражувања е закажана на 6 август, а поради приближувањето на роковите, граѓанските организации бараат постапките веднаш да бидат запрени, а Владата во рок од три работни дена писмено да ги извести за преземените дејствија.
В. ТРАЈКОВ



