40 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ОБВИНЕТИОТ ИЛИЕВ ОД СЕЛО ПОДЛЕС КОЈ СМРТНО ЗАСТРЕЛА ЕДНО ЛИЦЕ, А ДРУГО РАНИ, ПО РАСПРАВИЈА ЗА ВОДА

    40 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ОБВИНЕТИОТ ИЛИЕВ ОД СЕЛО ПОДЛЕС КОЈ СМРТНО ЗАСТРЕЛА ЕДНО ЛИЦЕ, А ДРУГО РАНИ, ПО РАСПРАВИЈА ЗА ВОДАСпоред обвинителството, причина за кавгата во која смртно застрелан беше Миле Димов (42) а ранет Миле Воденичаров (44) била кавга за водоводна инсталација. - Судница во Основен суд Велес (Фото: СДК.МК)

    На четириесет години затвор првостепено е осуден Славе Илиев од село Подлес, Општина Градско, за убиство кое го стори на 12 јуни годинава а при тоа доведе во опасност по живот и уште едно лице. Тој го призна делото а во Основен суд Велес беше прогласен за виновен од кривичниот совет со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова. Му беше изречена долготрајна затворска казна во траење од 40 години. Според обвинителството, причина за кавгата во која смртно застрелан беше Миле Димов (42) а ранет Миле Воденичаров (44) била кавга за водоводна инсталација.

    „Двајцата соседи на обвинетиот со цел да се приклучат на мрежната водоводна инсталација со соодветен алат започнале да извршуваат ископ на земја на десетина метри од влезната врата на Илиев. Откако тој, со кого оштетените имале претходно нарушени односи ги забележал, дошол со полуавтоматско кусо огнено оружје – пиштол што неовластено го поседувал и започнал да пука кон нив“, кажа обвинителката Аделина Станинова.

    Судијката Гајдова ја образложи изречената пресуда.

    „Казните кои се запретени за ова кривично дело се за убиство при што е доведено во опасност живот на уште едно лице се од 10 години до доживотен затвор, а за кривичното дело нелегално поседување на оружје од 3 до 10 години затвор. Според Кривичниот законик, кога ќе биде изречена казна долготраен затвор од 40 години, како казна за едно од кривичните дела, збирот на сите изречени казни не може а биде повисок од 40 години затвор. Како отежнителна околност при изрекувањето на пресудата, судот ги зема видот и тежината на делата, општествената опасност, мотивите поради кои е сторено делото. Извршувајќи ги делата обвинетиот ги испукал сите куршуми кои ги имал во пиштолот, по што престанал да пука. Олеснителна околност е дека не е осудуван, го призна делото, изрази жалење и каење со што го скрати траењето на судскиот просец“, кажа судијката Габриела Гајдова.

    Бранителот на обвинетиот, адвокат Дејан Трајчевски најави желба на изречената затворска казна. Полномошникот на оштетените, адвокат Душко Петров изрази задоволство иако загубата со убиството на Миле Димов, не може да биде надоместена.

    „Судот покажа професионалност и стручност, таа е соодветна и правилно одмерена. Претставува одредена делумна сатисфакција за Родна Димова сопругата на починатиот и неговото семејство, но ништо не може да ја надомести загубата и болката која им е нанесена“ – кажа Петров.

    Во завршен збор, обвинетиот Славе Илиев, изрази жалење за стореното.

    „Се чувствувам виновен, се каам за тоа што го сторив, жал мие. Цел живот ќе ги носам на совест“, рече Илиев.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира