Во скопско Маџир Маало ќе можат да се градат 48 хотели, 50-тина згради и два деловни објекти, според новиот Детален урбанистички план Градска четврт И 05 – Маџир Маало 2. Во планот сега е зацртана и маркичка за градинка и зелени површини кои ги немаше со претходниот ДУП донесен во 2012.
Планот кој почна да се прави уште при мораториумот во општина Центар за време на минатата локална власт, конечно е изработен и беше презентиран на последната седница на Општина Центар одржана пред 10 дена. По барање на советниците не се гласаше за оваа точка и се предложи да се одлучува за неа на некоја од наредните седници.
Урбанистите од Општина Центар велат дека ова е максимумот што може да се направи за планско уредување на просторот со оглед на тоа дека мора да се придржуваат до Генералниот урбанистички план кој диктира на овој простор, во близина на Железничката и меѓуградската и меѓународна автобуска станица да се градат хотели.
„Овој план е донесен во 2012 година само 6 месеци пред да се донесе Генаралниот урбанистички план и било предвидено 80 отсто намена домување. Не знаеме како можел да добие дозволи од Градот кога се знаело дека се работи на Генералниот урбанистички план во кој се предвидуваат сосема други намени. Со ГУП-от на 35 отсто од просторот треба се предвиди домување, а 43 осто деловен простор. Значи сосема спротивно од стариот ДУП. Намерата кога се планирало Скопје во 2012 било овој дел бидејќи е блиску до Железничката станица, факултетите, па и центарот на градот да биде кварт со хотели или хостели. Затоа ние не можеме на сите парцели на граѓаните да зацртаме згради како што тие бараат“, велат од Секторот за урбанизам и планирање на Општина Центар.
Според ДУП-от, максималната висина на објектите е приземје, 5 ката плус поткровје. Придобивките од овој план како што велат од Општина Центар се тие што максимално е заштитено државното земјиште, односно на најголемата парцела каде било предвидено да се гради деловен објект сега е нацртана градинка. На сите сообраќајници се предвидени велосипедски патеки, оставен е простор меѓу зградите, а исто така извршено е поместување на сообраќајниците кои минуваат низ парцелите на граѓаните со што околу 50 имоти на граѓаните се спасени, односно не влегуваат во трасите на новите булевари кои се предвидени со ГУП-от.
Граѓаните на јавните презентации имаа најмногу забелешки токму на намената која ја добиле. Не сакаат хотели туку згради. Исто така барале и поголема катност на објектите и бришење на булеварот Крушевска република.
„Сите забелешки и петицијата потпишана од жителите ние ја испративме до Град Скопје за кога ќе се прави новиот ГУП да се земат предвид овие барања на граѓаните. Ако со ГУП-от се смени намената, односно се дозволи да има доминантно домување, тогаш ние ќе го смениме планот. Овој план мора да се донесе бидејќи постојниот е спротивен на ГУП-от и нема да може да се издаваат повеќе одобренија за градба на згради бидејќи ќе се надмине бројката од 35 отсто домување како што предвидува Генералниот план“, велат од Општина Центар.
А. АНТЕВСКА