5 ПОЖАРИ ДЕНЕСКА ПОКРАЈ АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-ТЕТОВО, ПОЖАРНИКАРИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА СЕ ПОДМЕТНАТИ

    5 ПОЖАРИ ДЕНЕСКА ПОКРАЈ АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-ТЕТОВО, ПОЖАРНИКАРИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА СЕ ПОДМЕТНАТИОд тетовската пожарна апелираат до надлежните институции, а посебно до полицијата, да се ангажираат и да се пронајдат виновниците. - Еден од пожарите денеска покрај автопатот (аматерска фотографија)

    Тетовските пожарникари денеска гаснеле 5 пожари покрај автопатот Тетово-Скопје, на делот помеѓу Тетово и село Желино. Огнот горел нискостеблеста шума и трева, а исто така изгорела и поголема површина од овоштарникот со вишни кој се наоѓа покрај овој дел од патот. Тетовските пожарникари се убедени дека пожарите се дело на пиромани.

    „Ова е дело на пиромани кои намерно, од засега непознати причини, подметнуваат пожари на овој простор. Не е можно за така кратко време да избијат толку многу пожари на толку мал простор. Летно време да беше, па не ќе се случеше ова. Денеска 5 пати интервениравме на неколку локации во овој реон. Изутринава, само што го изгаснавме пожарот кој изби на стариот пат кон Скопје, веднаш мораше да интервенираме на друг пожар покрај автопатот. Последниов пожар го изгаснавме попладнево и тој беше најголем. Според моја проценка опожарени се 5 до 10 илјади метри квадратни од овоштарникот со вишни во близината на погоните на фабриката ‘Леар’. Со три камиони цистерни го изгаснавме пожарот. Нема никакви шанси огнот сам да избил или ветер да го префрлил, тоа некој намерно предизвикува пожари“, вели Ука Алити командир на територијалната противпожарна единица на Општина Тетово.

    Од тетовската пожарна апелираат до надлежните институции, а посебно до полицијата, да се ангажираат и да се пронајдат виновниците, бидејќи тетовските пожарникари со својата застарена опрема не можат успешно да превенираат толку многу пожари во краток период.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира