80-ГОДИШЕН ИНВЕСТИТОР ОД ТУРЦИЈА 3 ГОДИНИ ЧЕКА ДОЗВОЛА ЗА ИЗГРАДБА НА ПЕНЗИОНЕРСКИ ДОМ ВО КАВАДАРЦИ

    80-ГОДИШЕН ИНВЕСТИТОР ОД ТУРЦИЈА 3 ГОДИНИ ЧЕКА ДОЗВОЛА ЗА ИЗГРАДБА НА ПЕНЗИОНЕРСКИ ДОМ ВО КАВАДАРЦИ80-годишник од Турција родум од кавадаречко сака да изгради дом за 150 стари лица, но три години чека да се донесе Генерален урбанистички план (Фото: СДК.МК)

    Три и пол години се чека на изградба на регионален старечки дом во Кавадарци,  иако уште пред три години се најде и инвеститор за изградба на ваков објект, 80-годишник од Турција родум од кавадаречко. Пензионерите од Кавадарци и Росоман велат дека со години чекаат да се донесе Генерален урбанистички план за да можат да се изгради дом во кој ќе се сместат 150 стари лица.

    Здружението на пензионери од Кавадарци брои над седум илјади членови, а претседателот на Управниот одбор Ристо Анѓушев вели  дека најпрвин била проблем локацијата. Прво од локалната власт им била ветувана локацијата на поранешната лабораторија од старата болница во градот која била во постојниот урбанистички план, но подоцна им било кажано дека нема таква можност. Барале други локации, но во постоечкиот урбанистички план немало друга локација за таков дом, освен една која била непристапна, бидејќи била на висок терен. Во меѓувреме, се изработувал нов генерален урбанистички план и се ангажирале таму да си го најдат местото.

    „Условите се сменија, па сега дури и во Кавадарци, каде што во минатото беше на некој начин срамота да се прати родителот или блискиот во старски дом, има потреба од таков објект кој ќе ги реши проблемите на многу лица од третата доба“, вели претседателот на Здружението на пензионери Ристо Анѓушев (Фото: СДК.МК)

    „Најдовме една локација за која сметаме дека е многу добра и многу погодна за нас пензионерите. Блиску и далеку истовремено. Блиску до градот и градскиот парк, но и малку понастрана од градската врева. Ја бендиса и инвеститорот, воодушевен е од неа. Се чека завршување на генералниот урбанистички план. Очекуваме конечно да се средат работите и да ја реализираме идејата за помош на многу наши членови кои избираат својот живот да го завршат во дом за стари лица, вели Анѓушев.

    Инвеститорот од Турција е роден во кавадаречко село и во тиквешко ја поминал младоста. Стоматолог по професија, чии најблиски биле исто така медицински лица, тој сака да изгради дом со широк простор и  партерно уредување во Кавадарци, со фонтани и зеленило. На неколку пати имал дојдено во Македонија за да ја реализира идејата да инвестира во родниот крај оти сакал со нешто да му се оддолжи на регионот.

    „Условите се сменија, па сега дури и во Кавадарци, каде што во минатото беше на некој начин срамота да се прати родителот или блискиот во старски дом, има потреба од таков објект кој ќе ги реши проблемите на многу лица од третата доба. Младите си имаат свои обврски, па сега постарите самите избираат институционално згрижување, за да не им бидат терет на своите блиски“, вели Анѓушев.

    Тој додава дека не им останува ништо друго освен да се молат за здравјето на инвеститорот, да му посакаат долг живот, за да не пропадне идејата за старски дом во Кавадарци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира