Вкупно 357 проекти на 80 Општини се поднесени на огласот за поддршка од 100 милиони евра, кој го распиша Владата за подобрување на инфраструктурата. Огласот заврши вчера и сега ресорните министерства ќе ги оценуваат проектите. Во рок од 10 дена треба да заврши евалуацијата на целосната проектна документација.
„Ресорните министерства треба да изготват предлог-одлука кои проекти ќе се финансираат од нивната област и таа предлог-одлука да ја достават на усвојување на владина седница. Очекуваме до крајот на месецот да заврши целокупната процедура и да се знае кои проекти ќе се финансираат со државните пари“, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински и најави дека од следната година ќе бидат достапни нови 250 милиони евра, за кога е планиран и нов повик.
Прашан дали ќе се поддржат проекти како што се набавка на автобуси кои ги побара Град Скопје, Перински рече дека намерата на овој проект е да се подобри инфраструктурата во општините, а не да се купуваат возила.
„Основната замисла на јавниот повик не е да се набавуваат основни средства, туку да се интервенира во инфраструктурата, онаму каде локалните самоуправи немаат доволно средства да инвестираат во подобрување на водоводната, канализационата, патната инфраструктура, во делот на образованието“, кажа Перински.
А. АНТЕВСКА