Водата во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската Општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува, соопшти „Водовод и канализација“ Скопје.
На 26 ноември околу 40 ученици од „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае се пожалија на стомачни болки. Меѓу нив е и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски.
„На ден 26.11.2025 година ‘Водовод и канализација’ изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ ‘Димо Хаџи Димов’, општина Карпош. Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.
Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“, велат од јавното претпријатие.
Инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство ( АХВ ) вчера спроведуваа вонредни инспекциски контроли во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магазин кој се наоѓа во Основното училиште „ Димо Хаџи Димов“, се набавуваат репроматеријали за подготовка на храна.
Станува збор за операторот со храна „Ванила фуд“.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) д-р Марија Андоновска вчера рече дека од пристигнатите пријави, не може точно да се утврди причинителот, но од друга страна земени се сите можни примероци и денеска дополнително се прават и други анализи кои не се поврзани со храна и вода.
„Од направените контроли земени се примероци од храна, млеко, мусли, мусака со месо и кроасан, земени се девет примероци од површини од четири различни чешми од кои три од училници и една чешма од кујната. Земени се брисеви од површини од клупи од три одделенија, од површини во кујната, како што се прибор за јадење, лажици, вилушки, садови во кои јаделе децата и работни пултови од кујната. Земени се брисеви од грло, нос и од раце од три вработени во кујната и земени се примероци за вода од шест места во училиштето вклучително и кујната, но и од други простории во училиштето, значи вкупно шест за микробиолошки, но и за физичко-хемиски анализи. Екипата пристигна доцна попладнето после 16 часот и целиот материјал е ставен за обработка по сите можни протоколи за некои од овие испитувања ни се потребни 48 часа за да излеземе со веродостоен резултат од испитувањата“, рече вчера Андоновска.
Таа кажа дека од од Киниката за детски болести каде се хоспитализирани дел од децата, дополнително побарале да им се достави материјал за испитување од децата кои се таму, да им се достават материјали за да може да исклучат присуство на одредени вируси, паразити и да им се достави материјалот за децата за копрокултура, дијагностички да се попрецизни во се што прават, дека можеби факторот да не биде само труење со храна, туку може да има и некаков друг фактор.



