АДРЕНАЛИНСКИ ПАРК ЗА ЗАБАВА И СПОРТУВАЊЕ НА ДЕЦА ПОСТАВЕН НА ГОЛЕМА ЛИВАДА НА ПЕЛИСТЕР

    АДРЕНАЛИНСКИ ПАРК ЗА ЗАБАВА И СПОРТУВАЊЕ НА ДЕЦА ПОСТАВЕН НА ГОЛЕМА ЛИВАДА НА ПЕЛИСТЕРАвантуристичкиот детски парк има за цел да го унапреди туризмот. (Фото: Министерството за локална самоуправа)

    Адреналински детски парк со несекојдневни, но целосно безбедни реквизити за забава и спортување е поставен на туристичката локација Голема Ливада во националниот парк Пелистер. Носител на проектот е Центарот за развој на Пелагонискиот Плански Регион, поддржан од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка во висина од два милиона денари.

    „Битолчани, викендот е пред нас! Ве повикувам да го посетите Пелистер, да уживате во неговите убавини, а најмладите да се забавуваат во новиот Адреналински парк. Вложувањето во паркови за најмладите е еден од нашите приоритети за регионален развој на туризмот. Авантуристичкиот детски парк е поставен на атрактивна локација на Голема Ливада и е во завршна фаза, па се очекува да го унапреди туризмот преку проектот ‘Иновациите во функција на регионален развој на туризмот – Пелагонија создадена за авантура’“, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски при увидот во детскиот парк.

    Останува да се средат околу 300 метри земјен пат кој води од асфалтот до Голема Ливада. Советот на Општина Битола со ребаланс на буџетот издвои над 25 милиони денари за реконструкција на патот кој води за Пелистер, за делницата на потегот кај Трново и Магарево.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира