Во пресрет на Локалните избори, аероклубот „Мирко Тодоровски“ од Битола на социјалните мрежи објави духовит повик до сите кандидати за градоначалници и советници, да не зборуваат само за височини, туку и да ги почувствуваат. Од клубот ги повикаа кндидатите да се приклучат на утрешната прослава за 100 години авијација во градот, која ќе се одржи на спортскиот аеродром Логоварди, но не на дебата, туку на лет.
„Да видиме кој има визија од една друга повисока перспектива. 100 години летаме над Битола и подалеку, ама сè уште чекаме некој да нè стави во програмата, не како проблем, туку како гордост на градот. В сабота ќе славиме еден век љубов кон небото. А за следниот век, би сакале сите што ветуваат ‘нови височини’ барем еднаш да погледнат нагоре“, се вели во повикот на аероклубот.
Аероклубот „Мирко Тодоровски“ на 11 октомври ќе прослави еден век летачка традиција и ќе оддаде почит за храбрите ентузијасти што ја иницираа авијацијата во Битола. Од аероклубот, основан во 1930/31 година, произлегоа генерации пилоти, моделари и визионери.
Програмата започнува од 11 часот со свечена академија, доделување признанија на заслужни членови и премиера на видеозаписот „100 години аероклуб“. Денот ќе биде исполнет со летови на авиомоделари, музички настапи и гастрономска понуда.
„Практично, на 11 октомври градот го селиме од Широк Сокак на саботно корзо на спортскиот аеродром, а влезот ќе биде слободен“, велат организаторите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



