Електронски картички набавивме во постапка со преговарање бидејќи постоеше опасност да снема картички во билетарите, рече на денешната прес-конференција директорот на ЈСП„Скопје“ Кристијан Чушков. Тој вели постапките за набавка на електронски картички од 78.000 евра, во кои е избрана фирмата „ИД Кард“ и за консултант за ревизија на електронскиот систем за наплата во висина од 130.000 евра што го доби „ИТ плус смарт консалтинг“, се во согласност со законот за јавни набавки.
„Во првото полугодие од оваа година, продажбата на електронски картички беше зголемена за речиси 20.000 билети повеќе во однос на истиот период лани. Тендерот го објавивме на 5 јуни, но додека заврши тендерската постапка постои опасност од евентуален недостиг од овие картички и тоа во пресрет на почетокот на новата учебната година. За да се спречи недостигот на картички, во услови на крајна итност беше отворена постапка со преговарање во која учествуваа 3 понудувачи, и тоа ‘ИД Кардс’ што понуди цена од 120 денари за картичка, ‘Коннектел’ со цена од 125 денари за картичка и досегашниот добавувач ‘Македонски Телеком’ со цена од 130 денари по картичка, при што е избран најповолниот понудувач. За вториот тендер за консултантски услуги понудатата на ‘ИТ плус смарт консалтинг’ беше единствена“, рече Чушков.
Чушков вели дека според законот, не можат да бидат дисквалификувани пријавените затоа што двата тендери во вкупна вредност од 200.000 евра ги добиле фирми кои се основани на иста домашна адреса и еден месец пред објавување на огласите.
„Во текот на постапката, согласно законот, сме немале обврска да ги споредуваме адресите на кои биле основани овие фирми. Но, дури и да сме ги споределе адресите, согласно закон сме немале право да ги дисквалификуваме фирмите поради тоа што биле основани на иста адреса“, рече Чушков.
Чушков на прес-конференцијата го повика ВМРО-ДПМНЕ на јавно соочување за работата на претпријатието, вклучително и за овие две постапки.
А. АНТЕВСКА