АКО ПРОДОЛЖИ НЕКОНТРОЛИРАНОТО ГРАДЕЊЕ, ЗА 10 ГОДИНИ ЌЕ ИСЧЕЗНАТ НЕКОИ ЕНДЕМИЧНИ ВИДОВИ ОД ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ

    АКО ПРОДОЛЖИ НЕКОНТРОЛИРАНОТО ГРАДЕЊЕ, ЗА 10 ГОДИНИ ЌЕ ИСЧЕЗНАТ НЕКОИ ЕНДЕМИЧНИ ВИДОВИ ОД ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕДосега не е регистрирано целосно изчезнување на некои од ендемичните видови во Охридско Езеро, но таа опасност е присутна; - Ендемската охридска пастрмка. (Фото: СДК.МК)

    Интензивната урбанизација и недостатокот на правилен менаџмент на отпадните води се закана за еко-системот на Охридското Езеро. Палењето на трската доведува до збогатување на еко-системот со органски материи, што потоа доведува до верижна реакција со негативни промени во системот. Ова беше кажано на  15. Европски дијатомолошки средби кои изминативе два дена се одржаа во Охрид, на кои учествуваа 140 научници од 30 земји од Европа и од светот.

    „Почнувајќи од 1950, кога се уништија блатата со програмата против маларија е започнато деградирањето, но денеска деградацијата на езерото е поинтензивна поради големата урбанизацијата која е клучен проблем за езерото и недостатокот на правилен менаџмент на отпадните комунални и индустриски води. Првото нешто што треба да го реши секоја власт, независно дали е централна или локална, е токму менаџирањето на отпадните води. Вториот проблем е реката Сатеска која внесува огромни количини на седимент во езерото и тоа е исто еден голем проблем“, вели  проф. д-р Златко Левков од Институтот за биологија при ПМФ во Скопје.

    Според него, досега не е регистрирано целосно изчезнување на некои од ендемичните видови во Охридско Езеро, но таа опасност е присутна и за краток период состојбата може да стане драматична.

    „Ако продолжиме со вакво темпо на загрозување на езерото, некои проценки се дека за десетина години би можеле да очекуваме постепено исчезнување на некои ендемични видови. Сепак зборуваме за еден релативно краток временски период од денес. Засега сѐ уште состојбата е стабилна, не е до толку драматична, но ако продолжи ваквиот тренд навистина ќе стане драматично“, вели Левков.

    Според него, охридската ендемична пастрмка како предаторски вид риба е најголем контролор на популацијата на останатите видови во езерото.

    „Нејзиното намалување ќе доведе до експлозија на други видови, што ќе придонесе за појава на друг тип проблеми во самиот еко-систем. Барем засега таквите проблеми не се драматично изразени, но секако треба да се води сметка во иднина имајќи ги предвид и промените во климатските услови“, вели тој.

    Експертите од Европа и светот кои дебатираа за квалитетот на водите и влијанието на климатските промени сметаат дека загадувањео со отпадни води, урбанизацијата, палењето на трската, намалување на рибниот фонд на пастрмката, појавата на таканаречени инвазивни видови и други негативни појави доведуваат до промени во составот на живиот свет и можат да придонесат за уништување на еден од најзначајните еко системи во светот.

    Според проф. Јелена Кризманиќ од Биолошки факултет при Универзитетот во Белград, мора да постои соработка помеѓу државата и научната фела и со одредени закони да се контролира квалитетот на водата и да се одржува еко-системот да биде во добра состојба.

    „Силикатните алги во Охридското Езеро се бројни, има голем број ендемски видови кои укажуваат на староста на овој еко систем кој припаѓа на едни од најстарите тектонски езера во светот, најстари во Европа и многу значајни се Охридското и Преспанското. Секоја држава треба да ги заштити своите води и еко системи“, вели Кризманиќ.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира