АКО САКАМЕ ДА ОДИМЕ ВО ЕУ, МОРА ДА СЕ ОДНЕСУВАМЕ КАКО ПРАВИ ЕВРОПЈАНИ, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ ОБЈАСНУВАЈЌИ ЗОШТО НЕ ГО ПОТПИШАЛ ЗАКОНОТ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА

    АКО САКАМЕ ДА ОДИМЕ ВО ЕУ, МОРА ДА СЕ ОДНЕСУВАМЕ КАКО ПРАВИ ЕВРОПЈАНИ, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ ОБЈАСНУВАЈЌИ ЗОШТО НЕ ГО ПОТПИШАЛ ЗАКОНОТ ЗА ИГРИ НА СРЕЌАЗа претседателот Пендаровски, причината за непотпишувањето на Законот за игри на среќа не е содржината на законот, туку начинот на кој е донесен. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Стево Пендаровски денеска го посети Државниот Универзитет во Тетово каде одржа предавање за студентите, а пред почетокот на одговараше на новинарски прашања поврзани со вчерашното негово непотпишување на Законот за игри на среќа. За претседателот Пендаровски, причината за тоа не е содржината на Законот, туку начинот на кој тој е донесен. Тој вели дека сега Законот мора да оди во редовна процедура.

    „После мојата вчерашна одлука Законот не може повторно да влезе со европско знаме, туку треба да оди во редовна процедура. Штом ќе се случи потоа? Како што вели Уставот, ако со 61 глас го донесат денес, денес ќе го потпишам. Европската комисија од Брисел праќа писмо до Владата и вели: „Во процедура во Собрание имате Закон со кој практично се злоупотребува европското знаме, бидејќи таква европска директива нема“. Меѓутоа пратениците го усвоија тој Закон. Пред неколку денови европскиот амбасадор Гир доаѓа кај мене и вели: „Ова е злоупотреба, уште една во серија, на европското знаме“. Значи, никој не спори дали Законот е добар или е лош, вели не смее да биде злоупотребувано европското знаме. Ако сакаме да одиме во Европска Унија, мораме, пред да станеме членки, да се однесуваме како прави европјани“ изјави претседателот Стево Пендаровски.

    Според Пендаровски овој Закон мора да оди во редовна процедура и преку расправа да се увиди дали тој е добар или лош.

    „Законот мора да оди во редовна процедура и расправата за него да не трае само два-три дена. Јас не навлегувам во тоа дали Законот е добар или лош. Имам добиено писмена забелешка од ЕУ дека се злоупотребува европското знаменце. Бидејќи јас сум легалист, за мене најважна работа е тоа да го нема. Кога Законот ќе оди во редовна процедура, македонската јавност ќе ги слушне аргументите и на едните и на другите и ќе заклучиме што е најдобро за нас“, додава Пендаровски.

    На новинарско прашање дали повторно ќе се кандидира за претседател и дали ќе очекува поддршка од ДУИ после непотпишувањето на Законот за игри на среќа, претседателот Пендаровски одговори:

    „Законот го гласаа 55 пратеници. Од тие 55 пратеници за Законот гласаше комплетната пратеничка група на СДСМ, па треба да ме прашате дали очекувам поддршка и од СДСМ. Одлуката ќе биде донесена на 5 до 10 денови“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира