АКО СИТЕ ОБЈЕКТИ НА ШИРОК СОКАК СТАНАТ КАФУЛИЊА, НЕМА ДА МОЖEМЕ ДА ПОМИНЕМЕ – БИТОЛСКИОТ СОВЕТ СО ПРЕДЛОГ ДЕЛ ОД НИВ ДА ПРЕМИНАТ ВО СТАРАТА ЧАРШИЈА

    АКО СИТЕ ОБЈЕКТИ НА ШИРОК СОКАК СТАНАТ КАФУЛИЊА, НЕМА ДА МОЖEМЕ ДА ПОМИНЕМЕ – БИТОЛСКИОТ СОВЕТ СО ПРЕДЛОГ ДЕЛ ОД НИВ ДА ПРЕМИНАТ ВО СТАРАТА ЧАРШИЈАДел од битолските советници се се̍ погласни дека дел од угостителските објекти треба се пренасочат во старата чаршија. (Фото: СДК.МК)

    Можеме да дојдеме во ситуација сите објекти на Широк Сокак да решат да бидат кафулиња, што ќе правиме тогаш, нема да можеме да минуваме низ улицата, праша Анастасија Трајковска, советничка на ДОМ во битолскиот општински Совет при вчерашната расправа за Програмата за поставување урбана опрема на јавна површина пред угостителски објекти. Советот едногласно ја изгласа 18 измена на програмата со што остана да важи стариот режим на преградување на просторот пред локалите со метал и стакло за да се овозможи простор за престој на пушачите. Сепак, советниците се согласија дека од буџетот ќе треба да се издвојат средства за да се изготви нова програма и правилник.

    „Сите советници сме одговори и треба заеднички да донесеме став околу поставувањето на урбаната опрема во нашиот град. Заедно да одлучиме како и каде и каква сакаме да биде урбаната опрема. Така нема да не̍ интересира кој ќе биде сопственик на локалот туку ќе определиме каде се̍ може, каква урбана опрема да се постави. Одлуката да ја донесеме заедно, на транспарентен начин без да се гледа кои се сопственици на просторот. Стигнати сме до 18 измена, не смееме да си дозволиме да носиме парцијални промени за еден или друг угостител“, рече Трајковска.

    Стаклениците и најлоните со кои пред кафулињата се заградува дел од улицата и се поставуваат маси и столици за пушачите и оваа зимска сезона ќе го наградуваат Широк Сокак. На 15 ноември во сила стапува стариот зимски режим за поставување урбана опрема, донесен од Општина Битола.На амбиенталната улица во должина од половина километар оградувања ќе има пред дваесетина локали. Освен што го нагрдуваат ликот на симболот на градот и го попречуваат погледот кон историските објекти, на одредени места создаваат тесни грла за минување одвај широки по два до три метри.

    Дел од битолските советници се се̍ погласни дека дел од угостителските објекти треба се пренасочат во старата чаршија.

    „Широк Сокак да биде навистина широк. Има многу забелешки за гужвата, бучавоста, немањето паркинг, па стаклениците ги нарекуваме кутлуци, на сите им смета тоа. Да ги префрлиме помалите угостителски објекти во чаршијата, да се развие тој дел. Да си добијат угостителите свои можности, поевтина кирија и други можности“, предложи Борче Корлевски, советник од СДСМ.

    Заменик градоначалникот и советник од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Бојковски , пак, ја пренесе забелешката на комуналните инспектори, во постоечката програма со текстуален дел да се вметне дека и кафулињата во чаршијата можат да постават огради за да не бидат казнувани во случај некој да ги пријави.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира