АКТИВИСТИТЕ ОД СТРУМИЧКО СО ГЕРИЛА АКЦИИ ЌЕ ГИ БОЈКОТИРААТ ИЗБОРИТЕ АКО НЕ СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО РУДНИКОТ ИЛОВИЦА

    АКТИВИСТИТЕ ОД СТРУМИЧКО СО ГЕРИЛА АКЦИИ ЌЕ ГИ БОЈКОТИРААТ ИЗБОРИТЕ АКО НЕ СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО РУДНИКОТ ИЛОВИЦААктивистите најавија дека ќе поднесат кривични пријави и пријави за корупција, а ќе покренат и меѓународна истрага. (Фото: СДК.МК)

    Активистите против отворање на рудници од Струмичко ќе ги бојкотираат претстојните избори, но и сите предизборни активности на политичките партии во овој регион со герила акции ако не се реши проблемот со рудникот Иловица на планината Огражден. Ваков заклучок донеле членовите на „Здрава котлина“ и на останатите еколошки организации на вонредниот состанок, откако Управниот суд пресуди во корист на канадската компанија „Еуромакс рисорсис“ за недобивање дозвола за експлоатација на металични минерални суровини од Иловица.

    „Посебен заклучок е донесен да се бојкотираат изборите. Во таа насока, активно ќе се вклучиме против сите предизборни кампањи на политичките партии на терен и во медиумите и ќе изразуваме отворено незадоволство при посети или митинзи. Не се пожелни и добредојдени и политичките партии кои се дел од корумпираниот систем и не се во состојба ефективно да им одговорат на граѓаните од Југоистокот за проблемите од највисоко значење поврзани со животите, здравјето и екологијата“, ни изјави Ѓорги Танушев од здружението „Здрава котлина“, кое прво објави дека Управниот суд донел пресуда со која се отвора можност повторно да се активираат работите за изградба на рудникот кај Иловица.

    Активистите најавија дека ќе поднесат кривични пријави и пријави за корупција, а ќе покренат и меѓународна истрага оти се сомневаат дека целата постапка околу овој рудник е обвиена со корупција на судии и политичари. Планираат да поднесат и преставки до официјални полициски и регулаторни институции во Канада, САД и ЕУ, како и до меѓународни организации за борба против организиран криминал.

    „Целиот проект е обвиен со сомнежи за кои никој не презел истрага и одговорност. Зошто и натаму се чува во тајност елаборатот за влијанието на овој рудник врз животната средина? Уште од почетокот на овој проект треба да се провери документацијата. Како тоа Министерството за економија сѐ уште ја нема добиено пресудата на Управниот суд, ако му се верува на министерот Бектеши дека не ја добиле. Која е таа итност во услови на вонредна состојба да заседава Управниот суд и да донесе одлука токму по ова прашање? Сето тоа ни дава право да се сомневаме дека постојат елементи на корупција за нечии интереси“, кажа Костадин Ристоманов од „Здрава котлина“.

    Управниот суд на 31 март годинава донесе пресуда во корист на „Еуромакс“, која поднесе тужба откако летоска не ѝ беше доделена дозвола за експлоатација на металични минерални суровини. Истата не е правосилна, со оглед дека Министерството за економија има право на жалба до Вишиот управен суд. Министерот Крешник Бектеши неодамна кажа дека тие ја немаат добиено пресудата и откако ќе ја добијат, ќе ги преземат следните чекори.

    Минатото лето, Владата не ѝ даде дозвола на „Еуромакс“ за експлотацијата, а во декември беше одземена и концесијата на планината Огражден.

    „Како земја располагаме и со плодна почва, од која зависиме за безбедно снабување на населението со храна, лекција на која нè научи пандемијата.  И покрај тоа, токму за време на вонредна состојба се носат судски одлуки во прилог на компанија која планира да изгради рудник над најплодната почва во нашата земја- Струмичко Поле. Во комбинација со претхотните одлуки за кратење на средствата наменети за заштита на животната средина и природата, наликува дека нашата Влада не ја разбира суштината на пост-ковид обновата и ‘новата нормалност’ за која зборува во своите соопштенија. Затоа, бараме од Владата да го стави на висок приоритет здравјето и безбедноста на граѓаните и животната средина и да го планира економскиот развој одржливо и во насока на ублажување и прилагодување кон климатските промени. Зелен економски развој нуди многу можности за економски активности кои ќе ги зачуваат природните ресурси во иднината“, реагираше денеска и невладината „Еко-свест“.

    В. ТРАЈКОВ

     

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари