Товарот со онколошки пациенти на Клиниката за онкологија и радиотерапија во Скопје е преголем, па затоа е неопходно дисперзирање на услугите, рече министерот за здравство Фатмир Меџити при денешната посета на Клиничката болница во Битола. Оваа здравствена установа има набавено акцелератор за зрачна терапија на лица болни од рак уште од пред десетина години, но тој никогаш не проработи, па пациентите од Југозападниот Регион одат на радиотерапија одат во Скопје.
Меџити рече дека ја потпишал потребаната документција и за Клиничката болница во Битола и за ГОБ „8 Септември“, а за акцелераторот во Штип дека очекува да проработи до јуни идната година. Додаде дека при крај е и процедурата за пуштање на акцелераторот на Клиниката за онкологија кој со години фаќал прашина, па со него таму ќе бидат четири вакви апарати.
„Акцелераторот е донесен пред повеќе години и не беше ставен во употреба, ние сме во процедура со Министерството за здравство, повикавме од самиот производител треба да се поправи чилерот и да ни се обезбеди компјутер симулатор за кој Министерството ќе ни излезе во пресрет. Но тоа е процедура што секогаш не зависи од нас и ќе помине некое време“, рече директорката на Битолската болница Елизабета Ивановска.
За нерешените вработувања во здравството, каде има лица ангажирани со дговор на дело по пет-шест и повеќе години, Меџити рече дека на минатата седница на Владата имал жолчна расправа со министерот за финансии и дека нема да дозволи работите да останат нерешени.
„Одвај чекам вторник седница на Влада за да видам кои се размислувањата и што понатаму. Иако сум министер, јас сум лекар, не претпочитам да сум политичар и ќе се залагам до крај за да ги решавам овие проблеми. Да нема веќе договор на дело по неколку години, тоа е нелогично и не нè носи никаде“, рече Меџити.
Ж. ЗДРАВКОВСКА