АНГЕЛОТ ОД КУРБИНОВО ЧЕКА ПРОЕКТОТ ЗА КОНЗЕРВАЦИЈА ДА ИЗЛЕЗЕ ОД АДМИНИСТРАТИВНИТЕ ЛАВИРИНТИ

    АНГЕЛОТ ОД КУРБИНОВО ЧЕКА ПРОЕКТОТ ЗА КОНЗЕРВАЦИЈА ДА ИЗЛЕЗЕ ОД АДМИНИСТРАТИВНИТЕ ЛАВИРИНТИДодека постапката е во административните лавиринти, ѕидовите од црквата на места се распукани, а пожолтуваат фреските меѓу кои и ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари (Фото: СДК.МК)

    Уште тапка во место конзервацијата на македонскиот црковен бисер од 12 век, храмот „Св. Ѓорги“ во преспанското село Курбиново, бесценет културно-историски споменик познат и како македонската Мона Лиза. Неколку години траат истражувањата, подготовките на проектите, а сега и корекциите, па не се знае точно кога ќе започнат конзерваторските работи на терен. Додека постапката е во административните лавиринти ѕидовите од црквата на места се распукани, а пожолтуваат фреските меѓу кои и ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.

    Околу конзервацијата на црквата последните натегања се случија кон крајот на минатата година помеѓу заштитарите на културното богатство од Битола и оние од Скопје. Битолскиот Завод и музеј изработи проeкт за конзервација на фрескосликарството и архитектурата, но Комисијата за стручна контрола во Скопје најде забелешки. Битолчаните се пожалија дека освен забелешки не се дадени солуции за решавање, а експертите од Скопје дека не се работи за забелешки туку за неприфаќање на проектот и дека ако треба ќе се менува и тимот.

    Директорката на битолскиот Завод и музеј, Мери Стојанова, вели дека сега работат на дополнување на планот на проектот за да ги коргираат забелешките кои ги пронашла Комисијата.

    „Од ланската година се почна да се работи на дополнувањата на проектот, на дополнителни анализи кои се бараат. Сега се работи интервентно на дополнување и финиширање на проектот за да може во најскоро време штом се завршат сите дополнителни истражувања кои беа наложени, проектот пак да се испрати на повторна стручна контрола. Ако е сѐ во ред, да се пристапи во следниот период кон реализација на предвидените проектни активности за конзервација на архитектуата на црквата“, рече Стојанова.

    Годинава според Националнионата програма на Министерството за култура издвоени се 1 900 000 денари за конзервацијата на црквата во Курбиново. Тоа е само десет проценти од средствата што ги бараа од битолскиот Завод и музеј за да може да се направи конзервација на црквата. И Ристо Палигора, кој ја водеше конзервацијата на црквата во Курбиново, а почина само десетина дена по натегањата меѓу битолските и скопските експерти кои излегоа и во јавноста, до последно се жалеше дека за конзервација на црквата се издвојуваат премалку средства.

    Негови последни заклучоци беа дека клучен проблем за Курбиново е финансирањето. „Многу мали се финансиските средства што му се доделуваат на Завод и музеј, а има и заостанати неплатени трошоци“, велеше Палигора, конзерватор од Завод и музеј Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ПРОПАЃА ДОДЕКА ЕКСПЕРТИТЕ ОД СКОПЈЕ И БИТОЛА СЕ ПРЕПУКУВААТ КОЈ Е ПОКОМПЕТЕНТЕН ДА ЈА КОНЗЕРВИРА

    СПАС ЗА ЦРКВАТА И АНГЕЛИТЕ ОД КУРБИНОВО ДО КРАЈОТ НА 2019

    ЗАПОЧНА КОНЗЕРВАЦИЈАТА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО

    АКО НЕ ЗАБРЗА ОБНОВАТА КУРБИНОВО ЌЕ ГО СНЕМА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира