Поради големиот пожар кој минатиот понеделник ја зафати околината на Велес, жителите на градот во ноќните часови дишеа чад. Густиот чад предизвикан од запалените 200 хектари црна борова шума влијаеше на квалитетот на воздухот и во самиот Велес. Но, велешани не знаеја каков воздух дишат оти мерните инструменти на Министерството за животна средина во Велес не се во функција повеќе од една година.
При посетата на опожареното подрачје, премиерот Зоран Заев најави дека мерните инструменти ќе проработат со почетокот на грејната сезона.
„Дел од средствата од 1,5 милиони евра од програмата која ја отворивме се наменети за апаратите за мерење на квалитетот на воздухот. Така граѓаните ќе можат да бидат главниот контролор и сами да вршат мониторинг на квалитетот на воздухот кој го дишат“, кажа премиерот Заев.
Во пожарот кој десет часа ја уништуваше шумата околу езерото Младост и на периферијата на градот беше зафатен и отпадот Дине, каде изгореле околу четири тони пластика.
П. ПЕЧКОВ