АРИФИ ЗНАЕ ДЕКА ЗГРАДАТА НА ОПШТИНА ТЕТОВО Е НЕПРИСТАПНА ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, А НЕ БАРА РЕШЕНИЕ

    АРИФИ ЗНАЕ ДЕКА ЗГРАДАТА НА ОПШТИНА ТЕТОВО Е НЕПРИСТАПНА ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, А НЕ БАРА РЕШЕНИЕЗдруженијата на лицата со попреченост скоро 20 години бараат да се поправи погрешно проектираната стрмна пристапна рампа на влезот во зградата, но никој не ги есапи (Фото: СДК.МК)

    Пред влезот на зградата на Општина Тетово Авни Хисмани го чека својот пријател Агрон да дојде и да му помогне да предаде документи во архивата. Авни со својата инвалидска количка не може да влезе во општинската зграда, бидејќи таа е непристапна за лицата со попреченост.

    „Всушност, пред дваесетина години, на влезот во зградата се направи пристапна рампа, но таа е толку лошо проектирана и многу стрмна, што по неа не можат ни здрави луѓе да се качат, а камоли ние со количка. Сме барале и сме интервенирале и како здруженија и како поединци, но досега никој со прст не мрднал да ја поправи оваа грешка или да се направи нова пристапна рампа. Еве, слушам деновиве Општината ја реновирала големата сала за состаноци, се реновирал и холот, дури гледам ставиле и нова метална ограда на она што тие го нарекуваат пристапна рампа, но рампата си остана истата“, вели Хисмани.

    Пред дваесетина години, на влезот во зградата се направи пристапна рампа толку многу стрмна, што по неа не можат ни здрави луѓе да се качат, а камоли со количка (Фото: СДК.МК)

    Тој вели дека досега само еднаш влегол во општинската зграда, пред неколку месеци. Дошол со обична количка, не со електричната која ја користи секој ден и тогаш морале чуварите и минувачите да му помогнат и сосе количката да го дигнат и качат по скалите.

    „Па, не може секогаш кога имам потреба да завршам некоја работа во Општината со мене да доаѓаат луѓе и да ме качуваат по скалите. Освен тоа, и ако ме качат можам да се движам само на првиот спрат, бидејќи до вториот има многу скали. До канцелариите на УЈП исто така не можам да стигнам, бидејќи на средината од ходникот има една голема скала, а на другиот влез од зградата има скали, а нема рампа. Сето ова ја прави општинската зграда целосно непристапна за лицата со инвалидски колички“, револтирано зборува Авни.

    Авни вели дека и тој самиот, а и преку здружението „Мобилност“ каде членува, правеле напори да стапат во контакт со локалните власти за да се реши пристапот во зградата. Ја прашавме и градоначалничката на Тетово Теута Арифи дали и кога Општината ќе направи пристапна рампа во општинската зграда.

    „Ние работиме во објекти кои се затечени од едни други системи, каде чувството за овие проблеми било помало. Општинската зграда во Тетово ја делиме со уште четири централни институции и тој процес на заедничка одговорност нам ни е многу важен“, вели Арифи, без да даде конкретен одговор кога ќе се реши овој проблем.

    Во Тетово има само неколку институции кои се делумно пристапни за лицата со посебни потреби. Општинскиот суд има пристапна рампа, која до некаде ги запазува стандардите, но пристапноста е само до првиот кат. Иста е состојбата и во тетовската пошта, Домот на културата, СВР Тетово. Другите јавни објекти се водат како непристапни. Единствено во Управата за водење матични книги, кој е новоизграден објект, има пристапна рампа по сите стандарди. Во оваа установа вработен е Авни.

    И движењето по тетовските улици и тротоари исто така претставува голем проблем за лицата со попреченост.

    „Во градот има само неколку тротоари по кои можеме да се движиме со инвалидска количка. Другите тротоари се или многу оштетени или зафатени од паркирани автомобили. И што ни преостанува освен да се движиме по улица и се случува да свират по нас од автомобилите. На неколку места, пред сè, во центарот на градот, направија спуштени тротоари за полесен премин на улиците, но дел од тие спуштени тротоари толку се нестручно направени, што повторно претставуваат пречка за нормално минување. Да, тоа се нашите секојдневни проблеми“, вели Велимир Јаќимовски, претседател на здружението „Мобилност“, кој и самиот е лице со попреченост.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира