„Не очекувам Обвинителството да влезе во Општина Чаир. И да влезат, ќе речат не нашле ништо, бидејќи сѐ е избришано. Но во понеделник ќе дојдеме со 150 документи, бидејќи до понеделник не можат толку да избришат. Тука ги чекавме“, рече денеска градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, пред да достави докази во Основното јавно обвинителство (OJO) во врска со легализирани дивоградби во Општина Чаир.
Арсовска рече дека за повикот на Обвинителството до Град Скопје дознала утрово од медиумите и нагласи дека документацијата, односно доказите би требало да бидат добавени од Обвинителството по службена должност, бидејќи, како што рече, Град Скопје има пуштено повеќе од 15 соопштенија и сите наводи се јавно објавени.
Арсовска две недели во пренос на живо на Фејсбук објавува дивоградби во Чаир и го обвинува градоначалникот Висар Ганиу дека незаконски, со фалсификувани документи легализира згради, а рече и дека добива закани по живот.
Арсовска кажа дека според документацијата која што ја поседува Град Скопје од Катастарот за недвижнини, може да се увиди оти биле впишани имотни листови спротивно на закон и без знаење и согласност од Град Скопје.
„Откако видовме дека е извршен овој упис спротивно на законот и без знаење и согласност од Град Скопје, веднаш постапивме и ја известивме целокупната јавност. За истово ова трета година по ред известуваме, имаме информации пишани кои што ги доставуваме до Општина Чаир која што би требало по пристигање на нашата реакција со тоа што ја враќаме целата документација да пристапи со рушење на дивоградбите кои што се обидел претходно да ги легализира, за кои требало да знае, морал да знае, односно знаел дека не може да се легализираат согласно закон и нема никаква реакција од таа страна. Бевме приморани бидејќи го фативме и овој фалсификат, односно запишување од негова страна во Катастарот базирана на неверодостојна исправа со која што лично се обидува да каже дека имал документација од Град Скопје дека е платен надоместок, а не е. Што значи приложил целосен фалсификат во Катастарот“, рече таа.
Градоначалничката рече дека откако на 27 мај алармирале на терен за дивоградбата која што градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу ја впишал врз база на фалсификати, еден час подоцна Ганиу изготвил решение за поништување на сопственото решение и го поднесол до Катастарот за недвижнини за да го избрише случајот за подоцна да може да ја уништи целата документација.
За пријавите поради заканите за живот, и за тоа дека од МВР рекле дека нема пријави, Арсовска рече: „Знаете кој е нивниот одговор. Вчера немало пријава. Тоа значи дека ме утепаат вчера, денес не дојдам да пријавам, нема да постапуваат?“, а на прашањето дали се чувствува заштитено од државата, рече: „Од која држава, од овој којшто дозволува да се легализираат објекти кои што вредат милиони евра на грбот на граѓаните?“.
Ганиу завчера на прес-конференција рече дека секаде во Скопје имало дивоградби не само во Чаир, а ако имало нешто незаконско во неговото работење институциите нека постапат.
Арсовска вчера рече дека Финансиската полиција отишла дома кај раководителката на Секторот за уредување и планирање на Град Скопје Ивана Бајкова-Шаља и ја повикала да дојде да даде исказ за одреден предмет од пред неколку години. Таа рече дека со ова функцонерите на „Вреди“ кои се власт ѝ вршат притисок и ја заплашуваат Бајкова-Шоља, бидејќи таа кажа дека зградите дивоградби во Чаир се небезбедни и оти може да се случи уште поголема трагедија од онаа со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани со 62 жртви. Арсовска вчера отиде во Финансиската полиција да побара заедно со заменик-директорот Илбер Имери од „Вреди“ да одат дома кај Висар Ганиу, за да постапат за криминалите кои ги прави.
Б. НЕСТОРОСКА