АРСОВСКА ГО ПОВИКА МИЦКОСКИ НА СРЕДБА, ТОЈ ВЕЛИ ПРИФАЌА, НО АКО НЕМА УСПЕХ ЌЕ МОРА ДА ПРЕЗЕМЕ РАДИКАЛНИ ЧЕКОРИ

    АРСОВСКА ГО ПОВИКА МИЦКОСКИ НА СРЕДБА, ТОЈ ВЕЛИ ПРИФАЌА, НО АКО НЕМА УСПЕХ ЌЕ МОРА ДА ПРЕЗЕМЕ РАДИКАЛНИ ЧЕКОРИАрсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: ВМРО-ДПМНЕ)

    Градоначалничката Данела Арсовска го повика премиерот Христијан Мицкоски да седнат на маса и да најдат заеднички решенија за проблемите во Скопје. Арсовска, која не се појавува во јавноста и комуницира само преку фејсбук објави, денеска напиша дека раководството на Град Скопје е подготвено уште утре да седне на заедничка маса со премиерот Мицкоски и го повика тој да одреди термин.

    „Го повикуваме премиерот Мицкоски да го одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот. Теми кои Градот Скопје ќе ги предложи, а за кои сметаме дека треба да се изнајде решение, е надминување на активната блокада во Советот од страна на советниците од владејачкото мнозинство, блокадата на претпријатијата од страна на Управните одбори и изгласувањето на програмите за работа на Јавните претпријатија. Воедно, бараме да се формира на заедничко работно тело помеѓу Владата и Градот. Се надеваме на искрен и партнерски пристап од страна на Владата, во корист на граѓаните на градот Скопје“, напиша Арсовска на Фејсбук.

    Премиерот Мицкоски денеска, за разлика од минатите денови, беше поблаг во своите изјави и не спомена одземање на ингеренциите на Арсовска, туку рече дека е спремен за средба со неа, за да се врати нормалното функционирање на Скопје.

    „Сè што е потребно ќе направам и ќе се сретнам и ќе направим сè што е во интерес на скопјани. Учебната година ќе почне, луѓето се враќаат од годишни одмори, мора градот да функционира во нормални услови, а ние сега функционираме во ненормални услови. На секое решение сум подготвен, но ако видиме дека нема прогрес тогаш мора да одиме радикално. Да го средиме тоа што може со разговор, но ако видиме дека нема успех тогаш ќе мора со докторски речник да се изразам, инвазивно да влеземе во приказната“, рече Мицскоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Клиниката за дигестивна хирургија.

    Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски на предизборните митинзи шеташе заедно со Арсовска и бараше граѓаните да гласаат за неа за да го направат Скопје модерно. Мицкоски ја фалеше Арсовска, велеше дека е жена менаџерка и токму таа треба да стане градоначалничка. Сега Скопје е валкано и полно со ѓубре, со исушени и неискосени паркови, нема автобуси од јавниот превоз, Град Скопје е затворена институција и медиумите не знаат што се работи во Градот и како се трошат народните пари.

    Арсовска и Мицкоски се скараа десет месеци откако таа ја презеде функцијата и оттогаш постојано се препукуваат. Таа вели дека го фатила со рацете во мед како местат тендери, а за истото ја обвинуваат и од ВМРО-ДПМНЕ нејзе, велејќи дека „во главата има само тендери“. ВМРО-ДПМНЕ во Советот не ги гласа програмите за работа, но нивни членови сè уште се дел од управните одбори на јавните претпријатија и установи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира