Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, по доставено известување од СВР Скопје, издаде наредби по кои веќе се преземаат дејствија, соопшти Обвинителството за тоа дали досега јавен обвинител обезбедил докази од Општина Чаир поврзани со наводите на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска дека се легализираат дивоградби. Арсовска две недели во пренос на живо на Фејсбук објавува дивоградби во Чаир и го обвинува градоначалникот Висар Ганиу дека незаконски, со фалсификувани документи легализира згради, а рече и дека добива закани по живот.
„Доколку градоначалничката, како службено лице, има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“, соопшти Обвинителството.
Од Обвинителството велат дека во врска со заканите, Министерството за внатрешни работи е орган директно надлежен за заштита на животот на граѓаните, како и за откривање и спречување на тие што го загрозуваат.
„ОЈО Скопје е на располагање преку дежурен јавен обвинител, веднаш без одлагање, доколку сака градоначалничката, да ја сослуша за сите сомненија, сознанија и закани и да ги провери сите околности“, велат од Обвинителството.
Град Скопје денеска соопшти дека Арсовска во 15 часот пред Јавното обвинителство во Скопје „ќе достави релевантни докази за дивоградбите во Општина Чаир“.
Ганиу завчера на прес-конференција рече дека секаде во Скопје имало дивоградби не само во Чаир, а ако имало нешто незаконско во неговото работење институциите нека постапат.
Арсовска вчера рече дека Финансиската полиција отишла дома кај раководителката на Секторот за уредување и планирање на Град Скопје Ивана Бајкова-Шаља и ја повикала да дојде да даде исказ за одреден предмет од пред неколку години. Таа рече дека со ова функцонерите на „Вреди“ кои се власт ѝ вршат притисок и ја заплашуваат Бајкова-Шоља, бидејќи таа кажа дека зградите дивоградби во Чаир се небезбедни и оти може да се случи уште поголема трагедија од онаа со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани со 62 жртви. Арсовска вчера отиде во Финансиската полиција да побара заедно со заменик-директорот Илбер Имери од „Вреди“ да одат дома кај Висар Ганиу, за да постапат за криминалите кои ги прави.