Градоначалничката Данела Арсовска не кажува зошто ќе го враќа споменикот на Андон Лазов-Ќосето пред комплексот судови во Скопје. САКАМДАКАЖАМ.МК побара Арсовска да им објасни на граѓаните зошто од сите проекти се решила токму за враќање на споменикот на контроверзниот лик Андон Лазов-Ќосето, кој кога беше поставен во 2014 предизвика поделеност во јавноста. Ќосето, кој на споменикот е со кама в рака, е познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, кој си го убил и брата си.
Арсовска, како и цела измината година и пол откако е градоначалничката функција, не одговараше на нашите телефонски повици, ниту пораки. Одговор трет ден не добивме ниту од нејзините служби и нејзиниот кабинет на прашањата кои ги испративме по е-пошта.
Градоначалничката Арсовска минатиот месец испратила писмено барање потпишано од нејзе до Општина Центар да се даде согласност за почнување постапка согласно која би почнала процедурата за враќање на Ќосето на истата локација од која беше тргнат.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера ѝ одговори дека барањето го доставила на погрешна адреса, односно дека треба согласнот да добие од Собранието. Согласно Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување на споменици се наоѓаат во Собранието, додека Општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење.
„Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење и оттаму ова прашање не може да се третира на општинско ниво“, стои во одговорот на Герасимовски до Арсовска.
Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953), беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.
Со доаѓањето на функција на ексградоначалникот Петре Шилегов споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба односно нема решение за негово поставување. Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. На неговото место беше засадено дрво гинко, посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг, на која е испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации. Тој член гласи: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.
А. АНТЕВСКА