АРСОВСКА ПРВО НЕКА ГИ ПЛАЌА РАТИТЕ ЗА АВТОБУСИТЕ ШТО ГИ НАБАВИ ШИЛЕГОВ, ОДГОВОРИЈА ОД ВЛАДАТА НА БАРАЊЕТО НА СКОПСКАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА ЗА НАБАВКА НА НОВИ АВТОБУСИ

    АРСОВСКА ПРВО НЕКА ГИ ПЛАЌА РАТИТЕ ЗА АВТОБУСИТЕ ШТО ГИ НАБАВИ ШИЛЕГОВ, ОДГОВОРИЈА ОД ВЛАДАТА НА БАРАЊЕТО НА СКОПСКАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА ЗА НАБАВКА НА НОВИ АВТОБУСИПретходниот градоначалник Петре Шилегов набави 33 еколошки автобуси со кредит од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. (Фото: СДК.МК)

    Откако во четвртокот скопската градоначалничка Данела Арсовска побара од Владата да набави нови автобуси за јавниот превоз во Скопје, Владата денеска ѝ одговори дека на скопјани им треба брзо решение за излез од состојбите, а тоа што таа го бара е процес на набавка на автобуси што трае година до година и пол. Дополнително, од Владата велат дека Арсовска треба да им ги исплати парите што им ги должи на приватните превозници.

    „Пред Данела Арсовска да нуди дека парите за нови автобуси ќе ги ставела на посебна сметка, прво нека си ги плаќа ратите за автобусите кои ги набави Шилегов, за да не ѝ ги плаќа Владата како што плаќа досега. Второ, Данела Арсовска треба да ги исплати парите кон приватните превозници кои им ги должи, а со чие функционирање се пополнува празнината на ЈСП со градскиот сообраќај“, велат од Владата.

    Во четвртокот, Арсовска испрати писмо до премиерот Христијан Мицкоски во кое го замолува да престане со блокадата и сам да набави нови автобуси доколку не сака тоа да биде преку Град Скопје. Отвореното писмо беше реакција на Арсовска откако ден претходно советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа да се набават нови автобуси, поради што немаше мнозинство и одлуката не помина. За одлуката гласаа сите останати советнички групи, но без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во Советот.

    Во меѓувреме, дел од приватните превозници најавија дека од понеделник ќе возат само еднаш наутро и дека ќе биде пуштен по еден автобус на една линија.Тие бараат исплата на долгот кон нив и зголемување на цената за превоз, која како што велат, е ниска и е од 2017 година.

    Од кабинетот на Арсовска на ова одговорија дека од Владата одлучиле да се служат со селски итроштини.

    „За жал, повторно се одлучија и да лажат. Имено, ратата за кредитот со кој ВМРО-ДПМНЕ и Шилегов набавиле автобуси е платена во текот на изминатата недела. Од сметката на Град Скопје префрлени се средства на Министерството за финансии“, велат од Град Скопје.

    Оттаму велат и дека е лага е дека нема да возат приватните превозници.

    „Имено, од трите пакети со кои оперираат приватни превозници нема да возат само оние автобуси чии претставници се политички мотивирани од ВМРО-ДПМНЕ да креираат дополнителен хаос за скопјани, а за кои градот Скопје отпочна постапка за надомест за штета. Со ова повторно се докажува намерата на оваа власт за предизвикување на хаос врз грбот на граѓаните на градот Скопје“, велат од Град Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира