Градоначалничката Данела Арсовска вели дека ја разрешила директорката на ЈП „Комунална хигиена“ Косана Мазнева-Николиќ затоа што не е задоволна од нејзината работа и не била реализирала програма „За модерно Скопје“.
„Јас како градоначалничка кажав дека не е загарантирана ниту една позиција доколку не се реализира програмата на Град Скопје и она е тоа што го правиме во моментов. Даваме шанса на некој којшто веруваме дека во следниот шестмесечен период ќе ги реализира нашите програми“, рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање при потпишувањето Меморандум за соработка со Националната установа Спомен-куќа на Мајка Тереза.
Пред три месеци, Арсовска на прес-конференција по протестите во „Комунална хигиена“ ја фалеше Мазнева-Николиќ дека се справувала со мафијашки структури во претпријатието и се караше со новинарите зошто во написите не ја поддржувале Мазнева. Исто така, Арсовска пред 4 месеци ѝ даде и менаџерски договор на Мазнева-Николиќ и сега Градот треба да ја обештети бидејќи такви се одредбите на договорот.
„Ова жена застана пред сите злоупотреби и не треба да ја напаѓаат. Целиот Град стои зад неа, затоа што е храбра, затоа што е одлучна и затоа што сама се спротивстави на сите, за што 20-30 години ниту еден маж не се најде да застане или му биле партиските или политичките интереси поважни“, рече Арсовска на 10 јули годинава.
Мазнева-Николиќ вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека не добила објаснување зошто е разрешена ниту пак има причина да биде сменета од функцијата бидејќи во изминатиот период ги реализира сите програми и работела на подобрување на условите за работа на вработените.
Од вчера, Гоце Трајковски е нов в. д. директор на претпријатието.
А. АНТЕВСКА