Атиџе Муратова, пчеларката хероина на документариот филм „Медена земја“ кој во 2020 доби две номинации за Оскар, не стана советничка во Советот на Општина Лозово на вчерашните Локални избори. Таа беше кандидатка на Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ) и беше четврта на листата. Партијата освои 10,3 отсто од гласовите во Лозово и доби еден мандат, носителот на листата Фуат Пашов.
„Од партијата ми понудија да бидам на листата, ме прашаа дали се согласувам. Прифатив со цел да помогнам на Турците кои се броен народ во општината, да се решат нивните проблеми“, кажа Муратова за кандидатурата.
Во Општина Лозово Турците се втор народ по бројност, со 9 отсто. Освен Демократската партија на Турците во Македонија, во Лозово имаше уште една листа која се обраќа на Турците, Движење за национално единство на Турците.
Советот на Општина Лозово брои девет членови, мнозинство има коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со три советника, два има СДСМ, по еден Левица, ЗНАМ, ДПТМ и независната листа на Сузана Јованова-Илиевска. Кој ќе биде градоначалник ќе се решава во вториот круг, каде влегоа кандидатот на СДСМ Ацо Велковски и на ВМРО-ДПМНЕ Бошко Цветковски.
П. ПЕЧКОВ