БЕШЕ БОРБА ЗА ЖИВОТ, АЛЕКСАНДАР МЕ ДАВЕШЕ И ЈАС СЕ СПАСУВАВ, КАЖА ВЕЛЕШАНКАТА НА КОЈА Ѝ СЕ СУДИ ЗА УБИСТВО ВО МИГ

    БЕШЕ БОРБА ЗА ЖИВОТ, АЛЕКСАНДАР МЕ ДАВЕШЕ И ЈАС СЕ СПАСУВАВ, КАЖА ВЕЛЕШАНКАТА НА КОЈА Ѝ СЕ СУДИ ЗА УБИСТВО ВО МИГВо завршниот збор обвинителката Анастасија Миланова побара поблага казна за обвинетата. (Фото: СДК.МК)

    „Се бранев, не се чувствувам за виновна“, кажа велешанката Павлинка Илоска во нејзина одбрана при денешното сведочење за убиството при семејно насилство на невенчаниот сопруг Александар Ристовски (40). Илоска (23) се товари за кривично дело Убиство сторено на миг. За разлика од класичното убиство каде пропишаната затворска казна е од 5 години до доживотна, во Убиство на миг, максималната е 5 години.

    Судењето започна во Основен суд Велес и во едно рочиште беа сослушани сведоците на обвинителството и на одбраната, изнесени доказите, кажани завршните зборови и за вторник во 13 часот најавена е објавата на пресудата.

    „Се каам и жалам за стореното, но тоа беше борба за живот, ако не беше тој, јас ќе бев мртва. Кога почна да ме дави јас претав со нозе, со раце, немав сила да му се спротивставам. Се вративме од гости околу полноќ, тој пиеше, јас утрината бев на работа и сакав да спијам. Побара од мене да сум направела есап колку пари сме потрошиле, а јас од желба за сон сум заспала. Тој во таква состојба се нафрли врз мене. Бев како фудбалска топка, ме шутираше со нозе. Па ме фати за врат, му реков, немој Александар ќе ме удавиш, се уплашив. Почнав да губам свест, гледав само некоја светлина, немав воздух да дишам. И во таа борба за живот кога стигнавме до кујната фатив некој предмет, не знаев што е, само сакав да го удрам да ме ослободи. Почувствував дека наеднаш губи сила и ме ослободи. Видов дека има нож во градите“, ги раскажа кошмарните моменти од фатална вечер на 29 септември лани, кога при семејно насилство го уби нејзиниот партнер Ристовски во нивната куќа во Велес.

    Павлинка и покрај сè неколку пати повтори дека го сакала Александар.

    „Се надевав дека ќе се промени, му давав шанси, оти го сакав. Кога не беше пијан тој беше многу добар човек“, додаде Илоска. Сведочењето беше мачно и во тажна атмосфера, а обвинетата неколку пати мораше да биде прекината поради силните емоции и солзите.

    Убиениот беше полицаец во СВР Велес, во два наврати е условно осуден за две кривични дела во велешкиот Основен суд, еднаш оти прегазил шестмина тинејџери и еднаш оти ја давел балдаската.

    Мајката на Александар како оштетена не побара кривичен прогон на обвинетата Павлинка, додека татко му Венко остави на судот тоа да го решава. Илоска му била трета невенчана сопруга, а Александар имал зад себе и еден брак со деца. Една од невенчаните сопруги сведочеше каква сè тортура доживувала додека била во заедница, а Александар го нарече алкохоличар и насилник.

    Пред судот сведочеа и вештите лица, кои кажаа дека Александар починал од една убодна рана, која била со кујнски нож. На неговата рачка имало ДНК од Павлинка и Александар оти бил користен во кујната. Под ноктите на починатиот била пронајдена ДНК од Павлинка што укажувала дека тој ја давел во вратот и крвни подливи на челото како резултат од удари од тупаница.

    Кај починатиот бил пронајден алкохол во крвта кое тие го окарактеризираа ако средно пијанство кое било во фаза на елиминација. Бранителот на обвинетата, адвокат Димитар Петрулев кажа дека тоа во бројки се 1,6 промил алкохол во крвта и 1,9 во урината.

    „Делото е сторено во нужна одбрана, во гладијаторска борба за живот“, дополни Петрулев.

    Во завршниот збор обвинителката Анастасија Миланова побара поблага казна за обвинетата.

    „Судот во голема мерка да ги цени олеснителните околности во однос на потешките“, кажа Миланова.

    Од македонскиот Хелсиншки комитет соопштија дека очекуваат ослободителна пресуда за Илоска и одговорност од полицајците кои штителе колега-насилник.

    „Од она што беше презентирано во судницата, оценуваме дека огромна одговорност во овој случај сноси СВР Велес. Сведочењата потврдија дека починатиот во многу наврати бил пријавуван за насилство кон партнерката со која живеел, од страна на членови на нивните семејства и од соседите, но полицијата никогаш не дошла, ниту постапила. Инаку, на дописот на Хелсиншкиот комитет до СВР Велес, со кои беа побарани информации поврзани со случајот, беше добиен одговор дека воопшто немало пријави за насилство. Сето ова буди основан сомнеж дека полицијата се ставила во заштита на својот насилен колега и со своето непостапување против него, придонела за трагичниот тек и исход на настаните. Со оглед дека непостапувањето на надлежните органи е една од главните системски слабости во справувањето со семејното и родово базираното насилство, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе инсистира на одговорност од инволвираните полициски службеници“, велат од Хелсиншки.

    Од таму велат вели дека исказите на вештаците и сведоците покажаа оти беа оправдани настојувањата на Хелсиншкиот комитет за човекови права и други граѓански организации за промена на обвинението од Убиство на миг во дело сторено во самоодбрана.

    „Со оглед на изнесените докази на главната расправа, очекуваме судот по службена должност да го преквалификува делото во Нужна одбрана“, велат од Хелсиншки комитет.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира