БЕВМЕ СЛОЖНИ КАКО ЕДЕН И ОСТАНАВМЕ ПРИЈАТЕЛИ ЗА ЦЕЛ ЖИВОТ, ВЕЛАТ БИТОЛЧАНИ КОИ ДОПАТУВАА ОД РАЗНИ СТРАНИ НА СВЕТОТ ЗА ДА ПРОСЛАВАТ 63 ГОДИНИ ОД МАТУРИРАЊЕТО

    БЕВМЕ СЛОЖНИ КАКО ЕДЕН И ОСТАНАВМЕ ПРИЈАТЕЛИ ЗА ЦЕЛ ЖИВОТ, ВЕЛАТ БИТОЛЧАНИ КОИ ДОПАТУВАА ОД РАЗНИ СТРАНИ НА СВЕТОТ ЗА ДА ПРОСЛАВАТ 63 ГОДИНИ ОД МАТУРИРАЊЕТОКако и секогаш, прво се собраа кај Саат кулата, а потоа продолжија во ресторан (Фото: СДК.МК)

    Во денешно време кога сѐ позачестени се меѓуврсничкото насилство и несогласувањата помеѓу учениците, генерацијата 1961-ва од Средното економско училиште во Битола е пример за поновите генерации.

    Некогашните соученици и долгогодишни пријатели допатуваа во Битола од различни страни на светот за да не ја прекинат традицијата. Ова беше 63. година по ред како се собраа да го прослават матурирањето, а досега не пропуштиле ниедна година. Во неделата ја одржаа матурската дружба, собирајќи се на истото место повеќе од шест децении – Саат кулата, а потоа продолжија во ресторан. Дел од нив пензионерските денови ги минуваат во Битола, но има и такви кои допатуваа од Австралија и Словенија, а до лани редовно доаѓаше еден нивни поранешен соученик кој живее во Канада.

    Годинава се собраа петнаесетина поранешни матуранти од Економското училиште (Фото: СДК.МК)

    „Mногу се почитувавме, а таквото пријателство продолжи и низ годините преку телефон и со редовни прослави на денот на матурирањето во континуитет цели 63 години. Во школото се стекнавме со многу солидни знаења, но и со основите што значи да се биде другар. Останавме пријатели цел живот, пријателството продолжува и понатаму. Бевме сложни како еден. Ако требаше нешто да направиме, сите учествуваме. Ако требаше да се побегне од час, сите сложно го правевме тоа. Одевме и на Пелистер на екскурзии и прошетки. Им помагавме на оние кои ќе заглавеа со учењето“, раскажува Благој Илиев, поранешен раководител во фабриката „Раде Кончар“ во Битола.

    Заедно со него на матурските дружби редовно оди и неговата сопруга Марика Илиева, со која заедно учеле. Таа порано работеше како книговодителка во Домот за средношколска младина во Битола, а потоа во трговски компании.

    „Тоа е љубов од средношколските клупи, продолжи и потоа и до денес сме заедно. Во брак сме 57 години“, додава Илиев.

    Низ годините, на традиционалната дружба се збирале по триесетина пријатели. Како што поминувале годините, така се намалувал нивниот број. Годинава, тој беше преполовен, се собраа петнаесетина поранешни матуранти од Економското училиште. Си посакаа и вгодина да си дочекаат матура, на ист начин и на исто место.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА   

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира