БЕЗ ДОКУМЕНТАЦИЈА НЕМА НАЦИЈА, ДРЖАВАТА МОРА ДА ВЛОЖУВА ПОВЕЌЕ ВО АРХИВИТЕ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ИСТОРИСКИОТ АРХИВ ОД БИТОЛА КОЈ СЛАВИ 70 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

    БЕЗ ДОКУМЕНТАЦИЈА НЕМА НАЦИЈА, ДРЖАВАТА МОРА ДА ВЛОЖУВА ПОВЕЌЕ ВО АРХИВИТЕ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ИСТОРИСКИОТ АРХИВ ОД БИТОЛА КОЈ СЛАВИ 70 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕМора и нашата држава, која влада и да е, да се потруди да вложи што повеќе капацитети во архивите и зачувување на културното наследство, рече директорот Стојановски, - Со сегашните и некогашните вработени во Архивот. (Фото: СДК.МК)

    На денешното оддебележување на 70-годишнината од постоењето на Државниот архив – Одделение Битола, беше промовирана и монографијата „70 години битолски архивски хронотоп“ од авторите Гоце Стојановски, Марија Дурлова, Димитар Ѓорѓиевски и Ивана Хаџиевска.

    „Малку низ критички осврт даваме поттик за архивската дејност да добие позаслужено место во општеството и да има поголемо внимание од државата. Без документација нема нација. Мора и нашата држава, која влада и да е, да се потруди да вложи што повеќе капацитети во архивите и зачувување на културното наследство“, рече Гоце Стојановски, раководител на Архивското одделение во Битола.

    „Една држава живее преку нејзините институции. Многу често слушам критики за овдешните институции, но тоа што го видов во битолскиот Архив барем мене ми остави впечаток дека има светли изгледи“, рече германската амбасадорка Петра Дрекслер.

    „Архивот ни подготви мала изложба од браќата Манаки, некои од тие фотографии биле направени со германските војници кои биле присутни тука, тоа било дел од историјата на градот и потсетување на болните заеднички точки што сме ги имале. Иако денес односите меѓу нашите две држави се многу поразлични, сепак овие траги од минатото треба да се направат видливи и да се покажат, бидејќи само оној кој ќе го согледа минатото може да ѝ се посвети на сегашноста“, рече Дрекслер.

    Битолското архивско одделение е едно од поспецифичните на ниво на Македонија, бидејќи има една од најголемите фотографски колекции, фондот на браќата Манаки, најголема дури и на Балканот, а можеби и една од поголемите во Југоисточна Европа. Покрај тоа, располага со 1.070 фондови и збирки од различни периоди. Најстарите документи датираат од периодот меѓу 13 и 14 век, што е вистински куриозитет.

    „Најстарите документи се некаде меѓу 13 и 14 век, тора свитоци, вкупно четири, религиозни книги пишувани на старохебрејски јазик, а потоа имаме и еден фонд кој се чува во централното одделение во Скопје, познат како Битолски кадилак, и содржи документи за судења од 16 век, па наваму“, рече Стојановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира