Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска е кандидатка на „Независни заедно“ за градоначалничка на Општина Центар на престојните Локални избори. Како што соопштија од платформата „Независни заедно“, Ивановска е поддржана од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“.
Ивановска беше претседателка на Антикорупциската комисија од 2019-2024, каде дојде од местото самостојна ревизорка во Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Утре, Ивановска на прес-конференција ќе ја објави својата кандидатура на просторот пред фонтаната Лотус на влезот во скопскиот Градски Парк во 9:30 часот.
Кандидат за градоначалник на Општина Центар на СДСМ е актуелниот градоначалник Горан Герасимовски. ВМРО-ДПМНЕ сѐуште нема објавено кандидат за оваа скопска општина.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на 9 август ги распиша Локалните избори, што ќе се одржат на 19 октомври. Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 Oпштини и на Градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, согласно член 16 став 1 од Изборниот законик. Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.