БИТОЛА 7 ГОДИНИ ЧЕКА ДА СВИРНЕ ВОЗОТ ЗА ГРЦИЈА НА ОБНОВЕНАТА ПРУГА ДО ГРАНИЦАТА ОД 17 МИЛИОНИ ЕВРА

    БИТОЛА 7 ГОДИНИ ЧЕКА ДА СВИРНЕ ВОЗОТ ЗА ГРЦИЈА НА ОБНОВЕНАТА ПРУГА ДО ГРАНИЦАТА ОД 17 МИЛИОНИ ЕВРАДиректорот Хари Локвенец рече ќе има воз во ноември, но тоа не се оствари. (Фото: СДК.МК)

    Како што малиот Трпе го чекал возот што татко му му го ветил за роденден, така и ние со години го чекаме возот за Грција што на секои избори ни го ветуваат политичарите, коментираат битолчани за седумте години додека чекаат да проработи пругата. Во 19. век, Турците за четири години ја изградиле пругата од Битола за Солун и ја ставиле во употреба, а во 21. век ќе се навршат четири години откако пругата од 17 километри само до границата се догради и три откако се тестираше за сообраќај, а по неа уште не минал ниеден воз.

    „Кога од Скопје за Битола возот патува тргни-застани по десет часа, можеби ќе ни требаат уште десет години за со воз да стигнeме до Грција. Сè е спремно уште трубачи да дојдат, тапан и една гајда за жалење. Или пак, ја изградивме пругата за да биде историски споменик од времето на Османлиската империја. Возот ќе поминe кога ќе се капeме во новиот базен што требаше да се изгради и кога ќе одиме во домот на Копанки“, иронични се повеќемина битолчани со кои разговаравме.

    Хари Локвенец, директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, пред пред еден месец за медиумите изјави дека возот од Битола за Лерин ќе свирне во ноември. Истекуваат последните денови од месецот, но свирка не се чу. Локвенец го кажа само месецот, а не и годината.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК до каде е возот за Грција, од ЈП за железничка инфраструктура ни одговорија дека се чека одговор од грчка страна.

    „Пругата од Битола до гранична станица е оспособена и има дозвола за сообраќање. Што се однесува за сообраќање на воз до Лерин, не зависи само од нас туку и од грчките железници. Секако, од наша страна е покрената иницијатива и се чека одговор од грчка страна, односно за поврзување со грчката страна, најпрво е потребно да се потпише Меѓудржавна спогодба за регулирање и организирање на железничкиот сообраќај“, одговорија од ЈП за железничка инфраструктура.

    Првиот кој враќањето на возот за Лерин им го вети на битолчани беше ексградоначалникот Владимир Талески во 2012, пред да го освои третиот мандат. Помина и тој негов мандат и шест години откако е во куќен притвор, ама воз не свирна. Пругата кон Грција од неговото предизборно ветување почна да се гради дури во 2016, преку проект финансиран од ЕУ. Но, тогашниот бугарски конзорциум кој беше избран на тендер како главен изведувач, не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Поради ова, постоеше реална опасност Македонија да ги загуби европските пари. Во меѓувреме дојде до промена на власта, а државата распиша нов тендер за изведувач на кој беше избрана австриската компанија „Штрабаг“. Проектот чинеше 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра ИПА средства, а 11 милиони евра од буџетот на државата. До 2019 се изгради нова пруга од Битола за грчка граница, во должина од 17 километри. Надлежните во повеќе наврати одговараа дека за да свирне возот од Битола за Лерин треба да се договорат уште некои технички детали.

    Да се искористеа тие средства за осовременување на патната инфаструктура, сега Битола можеше да има автопат за Грција, како оној од Лерин до граница. Но, фразата „повторно да свирне воз од Битола за Лерин“ за политичарите звучеше попримамлива. Од осамостојувањето на Македонија таму не минал воз. Пругата од Битола за Солун била изградена пред 128 години, а во текот на нејзиното славно минато во Битола со воз допатувале многу војници, патописци, конзули, па и историски личности, како и турскиот султан Решад Петти во 1911. И во турско Битола имала подобар железнички сообраќај од денешниот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира