БИТОЛА ДОБИ КЛУБ ЗА ТВОРЕШТВО НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    БИТОЛА ДОБИ КЛУБ ЗА ТВОРЕШТВО НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТСоцијалниот клуб за полнолетни лица со интелектуална попреченост е единственот во Битола, а го отвори инвалидската организација „Порака“ (Фото: СДК.МК)

    Фигури на  балерини, деца, цветови изработени од ориз, пченка, пченица, кафе ја красат просторијата на Социјалниот клуб за лица со интелектуална попреченост во Битола. Ова се оригинални изработки на овие лица кои наполниле повеќе од 18 години, па клубот што го отвори  инвалидската организација „Порака“, им е единственото сврталиште во градот.

    Преку овие оригинални изработки тие ја искажуваат својата креативност која ретко на друго место доаѓа до израз. Во креативниот процес ги води наставник волонтер кој им помага преку творбите да се истакнат и да почувствуваат вредно.  Во Битола нема други места каде можат да се збираат полнолетните лица со интелектуална попреченост.  Клубот им овозможува развој на креативноста и дружба.

    „Лицата со интелектуална попреченост родителите ги чуваат дома. Во средините каде што живеат не се добро прифатени, оставени се сами на себе и на родителите да се снаоѓаат како знаат и умеат. Тука доаѓаат преку ден, имаме компјутери, справи за вежбање, спортски активности. Фактички самите лица кажуваат што сакаат да прават и се дружат. Доаѓаат тука нивните браќа, сестри и се вклучуваат во нивните активности. Целата ни е да се стави акцент дека и тие постојат и имаат социјален живот“, вели Слободан Велковски , претседател на „Порака“ од Битола.

    Клубот, иако има толку благородна цел, зафаќа само една просторија. Од „Порака“ се надеваат дека локалната заедница ќе има слух во иднина да им помогне да се прошират и да преминат во Дневен центар. Тогаш ќе можат да ги опфатат и децата со интелектуална попреченост под  18-годишна возраст.

    „Таков дневен центар специјализиран за лица со интелектуална попреченост нема во градот. Има дневен центар каде се опфаќаат сите лица со попреченост“, додава Велковски.

    Важно е и тоа што клубот им нуди дружба. Тука слават родендени, неодамна беа организирано на испраќање кај нивен пријател кој од село Бабаино се преселил во странство, а групно присуствуваа и на концертот на Здравко Чолиќ во Велес.

    „Порака“ со својата хумана мисија продолжува пружајќи им помош на биолошки и згрижувачки семејства на лица со попреченост, како и на нивни старатели.

    „Последниот случај беше со семејство кое немаше огрев зимата, па презедовме акција да им се додели шпорет и дрва за греење. Тоа е семејство во кое сите дома се со интелектуална попреченост и мајката и таткото, имаат три деца, само големото дете не е со интелектуална попреченост“, велат од „Порака“.

    Во моментот се обидуваат да му помогнат на ромско семејство чија ќерка со попреченост во средно образование останала без стипендија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира