БИТОЛА ЌЕ ДОБИЕ ГАС ДО 2020

    БИТОЛА ЌЕ ДОБИЕ ГАС ДО 2020Една од причините за загадениот воздух во Битола е што нема топлификација, па најголемиот дел од домаќинствата се грејат на дрва, а со гасификацијата тоа треба да се промени (Фото: СДК.МК)

    Со гасификацијата која до 2020 година ќе стигне до Битола ќе направиме заболувањата што се последица од атмосферското згадување во градот да бидат минато, најави директорот на Македонски енергетски ресурси – МЕР, Благојче Котевски. Тој денес имаше средба со градоначалничката на Битола и други експерти заради координација на активностите за гасификација на Битола.

    „Националната мрежа како што е планирана, а потпишани се и договорите, треба да стигне до Битола во јануари 2020 година.  Гасот ќе биде поевтин, но не е важен само финансискиот дел, туку има еден друг побитен елемент. Ветивме дека Битола ќе ја направиме поубава средина за живеење и заболувањата што се последица од атмосферското згадување да бидат минато. Не е само финансискиот бенефит, гасот како енергенс ќе придонесе Битола да стане поатрактивна и за инвестирање, а со тоа и отворање на нови работни места“, рече Котевски.

    Градоначалничката Наташа Петровска изјави дека нема да се дозволи гасот да сигне до Битола, а низ градот да не биде поставена примарната мрежа. На тој начин ќе можат за многу скоро време да се поврзат стопанските субјекти и домаќинствата.

    „Општина Битола уште со овој буџет предвиде средства со кои се дефинирани активности, а се однесуваат на поготовки за воспоставување на мрежата за гасификација. Паралелно со ова се изведува процесот за поставување на примарната мрежа која согласно временската проекција треба да биде за дваесетина месеци“, рече Петровска.

    Истражувањата на Институтот за јавно здравје покажаа дека Пелагонискиот Регион бил на прво место во земјава по морталитет од малигни неоплазми во 2016. Воедно, во Битола зачестени се и другите белодробни заболувања. Една од причините за загадениот воздух е тоа што нема топлификација, па најголемиот дел од домаќинствата се грејат на дрва. Гасификацијата се очекува тоа да го промени, а со тоа и да се подобри квалитетот на воздухот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари