Битола деновиве прослави еден век од научниот пристап во археолошките истражувања на свој терен, но за жал, првите откриени предмети од тоа време ги нема во своите музејски витрини. Се наоѓаат во Бугарија и Франција, каде биле однесени од истражувачите уште во првата четвртина на 20 век.
„Оваа година се навршува еден век од почетокот на научните истражувања во битолскиот крај. Тоа беше по Првата светска војна и се истражуваа два значајни локалитета. Најпрво, локалитетот кај Букри и се пронајде гробница, истражуваше Попов од Бугарија, за жал сите тие предмети се однесени во Бугарија и се чуваат во Народниот музеј во Софија. Истата година истражуваше и францускиот истражувач Пати кого го привлече Крстоар, тогашно Кристифорово, и најстарите траги на живот во битолскиот крај потекнуваат од таму – камени орудија од пред палеолитот – и истите се наоѓаат во Франција“, рече археологот Аница Ѓоргиевска.
Сепак, Битола зачувала дел од најстарите пронајдени артефакти што сведочат за траги од живот во овој крај уште од времето на палеолитот, односно старо камено време. Предметите во вид на садови и други форми пронајдени биле на местото каде што денес се наоѓа битолското село Крстоар. Меѓу постарите пронајдоци има и од железно време од село Букри. Тие деновиве беа дел од изложбата „Еден век археологија во Битола“ што ја организираше Завод и музеј од Битола. Преку постер изложба беа претставени стотици предмети откриени во Битолско, иако претходно имало и други ископувања.
„Битолското Поле е наречено магично археолошко поле, каде научници уште во 1917/1918 година ископувале, дел од материјалите си ги носеле во своите држави, многу музеи во светот се китат со нашите предмети. Посериозни ископувања следат во периодот меѓу двете светски војни кога посебен акцент се става на праисторијата, а на Хераклеја се создава првиот музеј во Битола во 1936 година и веќе следи организирана археолошка дејност“, додаде Ѓоргиевска.
Во периодот пред Првата светска војна и Балканските војни имало дипломатски преставници и приватни лица кои со дозвола на султанот ископувале и ги носеле предметите надвор од земјава. Така, во мисијата на истражувачот Вилјам Мартин Лик, бистата на атинскиот оратор Ајсхин која ја ископал во Хераклеја, а ја добил како подарок од Али Паша Јанински, во 1839 му ја предал на Британскиот музеј во Лондон. Исто така, ја пренел и бистата на неидентификуван поет во 1851.
Понатаму, статуата на Атена Партенос пронајдена во Хераклеја, денес ги краси витрините на Народниот музеј во Белград. Покрај неа има натпис во кој пишува дека потекнува од први до втори век пред нашата ера од Буково, Битола, дека е една од четирите сочувани реплики на статуата на божицата на мудроста Атена од Акропол, Атина од 438 година пред нашата ера и дека иконографски најдобро одговара на оригиналот. Мермерната фигура Атена Партенос била пронајдена 1931 година во лозје недалеку од Битола. Најверојатно е дело на грчки мајстор од римската епоха, кој бил директно инспириран од оригиналот.
„Има доста артефакти надвор од нашата држава. Знаеме за Британскиот, Белградскиот, Софискиот музеј. Има доста предмети, но веројатно има и предмети за кои денес ние не знаеме и дека постојат во депоата на тие музеи. Со колешката Ѓоргиевска се обидовме на неколку пати од Белградскиот музеј и српските институции нешто да вратиме , но наидовме на пречка. Сепак, тоа се меѓудржавни договори на највисоко ниво. Наше е како професионалци да притискаме, да инсистираме на враќање на тоа културно наследство или барем на сознанија за постоењето на тоа културно наследство“, рече археологот Енгин Насух.
Ж. ЗДРАВКОВСКА