Ни снег, дожд, ветер или жешко време не го спречија битолчанецот Николче Чкламовски (46) во исполнувањето на неговата мисија 200 пати да се искачи со велосипед на врвот Пелистер на 2.601 метар. Двестотиот пат се случи на 28 септември, кога со шампањско в раце на врвот заедно со пријателите, исто така спортисти, го прославија јубилејот.
„Моето искачување до највисокиот врв на Пелистер се одвива веќе осум години и можам да кажам дека застој нема да има, продолжувам натаму“, рече Чкламовски.
Битолачани го знаат како голем планинарски фанатик. На планина со велсипедот е секој викенд, празник, па понекогаш и во делници кога е слободен. Делови од земјениот пат за врвот Антена се во лоша состојба, полни со камења. Додека други велосипедисти на тие делници ги туркаат велосипедите, тој вози. Тоа бара голема кондиција и издржливост.
Досега на точак ги искачил сите врвови на Баба Планина, па и на други планински масиви во земјава и странство. Дел од искачувањата биле во зимски услови, низ непроодни патеки, а онаму каде што патот не може да се мине на велосипед го врвел пеш.
Сите врвови се освоени со многу труд, и тоа Вртешка на 2.420 мнм, Голема Чука 2.179 мнв, Козји Камен 2.180 мнв, Партизански Врв, Широко Стапало и уште ред други. Од сите врвови имал можност да ужива во прекрасни глетки, во дел Преспанското Езеро изгледало како да е на дланка.
Чкламовски вели дека кога не вози, се случува во еден ден да помине пеш и неколку врзвови на Баба Планина. Ги повикува битолчани да бидат спортски активни, често да доаѓаат на Пелистер и да ја сакаат природата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА